2 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПодигнуваат кредити за да уплатат за одмор од соништата

Подигнуваат кредити за да уплатат за одмор од соништата

Сè поголем е бројот на Македонци кои прилично лесно ја носат одлуката да подигнат кредит во банка само за да можат да си дозволат луксузен летен одмор на привлечни дестинации.

Од Египет, преку Кипар, па сè до Дубаи и Бали, овие егзотични места стануваат сè популарни кај нашите сограѓани.

Горан Стефанов, 47-годишен скопјанец, вели дека лани подигнал потрошувачки кредит од 5.000 евра за да може заедно со своето семејство да ужива на одмор во Турција.

„Одморот беше незаборавен, иако кратко траеше. Бевме сместени во еден од најлуксузните хотели во Анталија. Успеавме да го исплатиме кредитот во текот на годината и сега се подготвуваме да подигнеме нов кредит и да уплатиме за одмор во Дубаи. Некои велат дека е ризично тоа што го правам, но јас им велам дека имам само еден живот и сакам максимално да го искористам, без разлика на последиците“, ни изјави Стефанов.

На оваа тема разговаравме и со вработен во туристичка агенција, кој признава дека во последно време се забележува зголемен број на клиенти кои чекаат да им биде одобрен кредит во банката пред да ја направат резервацијата за одмор.

„Многу патници се во истата ситуација. Се обидуваат да го координираат одморот со одобрувањето на кредитот, што може да биде предизвик за нив и за нас како агенција“, објаснува нашиот соговорник.

И ова лето има многу добри понуди за патување, додава тој.

„Цените за одмор во Тунис, Египет, па и Кипар, не се нешто многу високи. На пример, за 7 ноќи во Кипар ќе платите до 700 евра по човек, а во цената е вклучен и авионскиот превоз и трансферот од аеродромот до студиото за престој. За одмор во Египет и во Тунис, пак, треба да одвоите околу 500 евра по човек за 7 ноќи во хотел, со вклучен авионски превоз и вклучен трансфер до хотел со полн пансион. Секако, многу поскапи се дестинациите како Бали или Дубаи, ама затоа постојат банките и кредитите“, објаснува вработен во скопска туристичка агенција.

Освен класичните банкарски кредити, голем број граѓани подигнуваат и брзи кредити за да би можеле да си дозволат луксузен летен одмор.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП