Отворање на изложбата „Денис Боувен“ во МКЦ по повод Светскиот ден на уметноста

По повод 15 април, Светскиот ден на уметноста, Асоцијацијата за култура Икон и Младинскиот културен центар – Скопје ја организираат изложбата „Денис Боувен“ која ќе биде отворена вечер во 19 часот , во изложбениот салон на МКЦ и ќе трае до 25 април.

На изложбата ќе бидат претставени дела од сериите кои Боувен ги создал низ годините во земјава.

„Длабоката наклонетост на Денис Боуен кон Македонија е очигледна во наследството што тој го остави преку неговата обемна работа во земјата. Неговата љубов кон Македонија, нејзиното културно богатство, му послужи како постојана муза за неговиот уметнички израз. Тој беше чест гостин на ликовните колонии во Македонија и зад себе остави стотици дела што сега се дел од јавни и во приватни колекции. Град Скопје за неговата активност му ја додели наградата ‘13 Ноември’ во 2003 година. Придонесите на Боувен за македонската уметничка сцена оставија неизбришлива трага, збогатувајќи го културното наследство во земјата. Делата на Боувен продолжуваат да бидат извор на инспирација, повикувајќи ги гледачите да ја ценат убавината и сложеноста на уметноста преку неговиот уметнички објектив“, се наведува во најавата. 

Светскиот ден на уметноста е меѓународна прослава на уметноста која ја прогласи Меѓународната асоцијација за уметност (IAA) во 2012 година, со цел да се промовира и подигне свеста за креативната активност ширум светот. 

Датумот е одлучен во чест на роденденот на Леонардо да Винчи, кој беше избран за симбол на слободата на изразување, толеранцијата, солидарноста и мултикултурализмот.