Линкови за пристапност

Се ситни грејс-периодот од УНЕСКО: Заштитата на охридскиот регион се одвива алармантно бавно


Повеќе од една година измина откако УНЕСКО им даде двегодишна шанса на македонските национални и локални власти да преземат мерки со кои охридскиот регион би се задржал во престижната листа на светско наследство
Повеќе од една година измина откако УНЕСКО им даде двегодишна шанса на македонските национални и локални власти да преземат мерки со кои охридскиот регион би се задржал во престижната листа на светско наследство

Помина речиси година и пол од двегодишниот период што УНЕСКО им го даде на македонските национални и локални власти да го спасат охридскиот регион од отстранување од примарната листа на културно и природно наследство од светско значење. Состојбата на терен е далеку од задоволителна.

„Многу сме загрижени поради бавното темпо на имплементација на препораките од УНЕСКО. Штотуку го слушнавте цитатот од последниот извештај за земјата. Преземени се некои мерки и за нив ќе слушнеме детално подоцна. Но, останува уште многу да се направи и ситуацијата е итна“.

Тоа беше острата критика од евроамбасадорот Дејвид Гир поради недоволната заштита на охридскиот регион. Пораката ја упати по повод педесетгодишнината од конвенцијата на УНЕСКО за светско наследство.

Заштитата на охридскиот регион се одвива алармантно бавно
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:37 0:00

„Поентата што ја наведов беше дека ова богато наследство треба да се заштити. За тоа е потребна голема координирана акција од страна на владата, со партнери, со граѓанското општество, со бизнисот исто така. Така што мислам дека ова е можност да ги здружиме сите со заложба на Министерството за култура, но и севкупно“, истакна амбасадорот Гир во изјава за Гласот на Америка.

Изгледа дека не сме помрднале од мртвата точка. Односно, одиме многу надолу, наместо да го сочуваме статусот
Зоран Павлов

Повеќе од една година измина откако УНЕСКО им даде двегодишна шанса на македонските национални и локални власти да преземат мерки со кои охридскиот регион би се задржал во престижната листа на светско наследство. Според познавачите на состојбите, исполнувањето на обврските оди бавно.

„Охридскиот регион, после 43 години на листата на УНЕСКО, се наоѓа на самиот почеток. Изгледа дека не сме помрднале од мртвата точка. Односно, одиме многу надолу, наместо да го сочуваме статусот“, ни изјави Зоран Павлов, претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, и Фокал поинт на УНЕСКО за културно наследство.

Доколку не се исполнат задолженијата од УНЕСКО, а во кои влегуваат заштита на културолошките обележја, справување со дивоградбите, чување на еко-системот, голема е веројатноста охридскиот регион да премине во листата на Светски културни и природни богатства во опасност.

„Мораме да размислуваме за бенефитот од културното наследство. Секоја нова градба не значи дека одиме напред. Така ја уништуваме нашата традиција, нашето градителско наследство. На тој начин одиме во бездната којашто, според принципите на УНЕСКО, ќе значи одење во опасност, доколку не се потрудиме да одиме по оној правиот пат“, додава Павлов.

Од македонскиот национален комитет на ИКОМОС, чиј фокус на работа е заштита и конзервација на културното наследство, велат дека одговорноста лежи и кај секој поединец во општеството.

„Заштита на културното наследство и препознавање на неговата вредност. Радување на еден објект од културното наследство што го имаме во нашето соседство. Знаењето и учењето на неговото значење, што претставува за нас, за нашиот град и однос со почит ко него. Тоа е првиот чекор во заштитата на културното наследство и тоа е наша заедничка одговорност на сите“, ни изјави Кристина Бицева, претседателката на ИКОМОС Македонија.

И покрај преземените активности, нашата заедничка акција како да го нема задоволителниот интензитет во справување со причините и со причинителите кои го загрозуваат охридскиот регион
Бисера Костадиновска Стојчевска, Министерка за култура

Дека работите се одвиваат бавно со заштитата на охридскиот регион, увиделе и во Министерството за култура.

„Можеме да констатираме дека и покрај преземените активности, нашата заедничка акција како да го нема задоволителниот интензитет во справување со причините и со причинителите кои го загрозуваат охридскиот регион, впишан во листата на УНЕСКО како реткост од светско значење“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска во рамките на одбележувањето на годишнината од конвенцијата на УНЕСКО.

Како решение за ситуацијата, министерката преку говорница побара функционирање на казнената политика.

„Во отсуство на свест и совест дека и овие богатства се нашиот идентитет и дека културното наследство нè легитимира во европски и во светски контекст, мојот поглед е вперен во домашната казнена политика како спас, и во нејзината бескомпромисна и доследна примена“, додаде Костадиновска Стојчевска.

Кристина Бицева, ИКОМОС: Не треба да се плашиме од ставањето на листата на подрачје под опасност
Кристина Бицева, ИКОМОС: Не треба да се плашиме од ставањето на листата на подрачје под опасност

Од ИКОМОС, пак, даваат и друга насока. Сметаат дека евентуалното преминување во не толку славната листа на УНЕСКО, би било од помош.

„Тоа не значи автоматско бришење од таа листа. Дури и самата листа на Културно наследство во опасност може да помогне. Може да донесе странска експертиза, да донесе многу можности коишто можат да им помогнат на домашните институции. Сметам дека не треба да се плашиме“, додава Бицева од ИКОМОС.

Но, ќе донесе и уште поголеми обврски.

„Треба да сме свесни дека тоа што ќе бидеме во (листата на подрачја под) опасност или не, не значи дека ќе ја завршиме работата или дека некој друг ќе ја заврши за нас. Треба самите да работиме, сами да ги постигнеме резултатите. Доколку, пак, бидеме во ‘опасност’, тоа ќе значи дека, ако до сега не сме работеле, тогаш ќе треба да работиме десет пати повеќе за да можеме доброто да го вратиме повторно на листата на светското наследство“, категоричен е Павлов.

Познавачите се согласни, задржувањето на статусот светско наследство за охридскиот регион треба да остане приоритет. Тоа како што велат, ќе донесе локален развој, но и светска препознатливост.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG