Советот на Европа побарал детални информации за апсењето на новинарот Салиу

од Nikola Popovski

На барање на Советот на Европа, на вчерашната седница Владата донесе одлука со која го задолжи министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски да достави детални информации во врска со случајот со апсењето на новинарот Фуркан Салиу.

По донесувањето на одлуката, МВР ќе има рок од една недела да одговори на барањето на Советот на Европа.

Апсењето на Фуркан Салиу предизвика лавина реакции од новинарските здруженија, но и од пошироката јавност. Новинарот на 7 април беше приведен за време на фудбалски натпревар во скопско Средно Коњари, бидејќи, како што соопшти МВР, нападнал полициски службеници.

Пред шест дена, полицијата денeска поднесе кривична пријава против Салиу и уште едно лице, кои се осомничени за спречување службено лице во вршење службено дејствие.

-Ве известуваме дека по целосно документирање на настанот за кој прашувате, на 11.04.2024 од страна на Единицата за насилен криминал при СВР-Скопје до ОЈО Скопје против лицата Н.Ј. и Ф.С. поднесена е кривична пријава за сторено кривично дело Спречување службено лице во вршење службено дејствие” по член 382 од КЗ, потврдија од МВР.

Салиу на неговиот Фејсбук профил објави дека бил информиран за кривичната пријава и оти смета дека делото против него не може да се докаже.

Според Тошковски, никој нема право да нападне службено лице и никој нема право да нападне новинар.

-По мое убедување, во најмала мера имаше спречување на вршење на службено лице во неговата работа. Според добиените белешки, од страна на двете лица кои се приведени, има физички напад по долните екстремитети. Ова е изјава од полициските службеници, не е од моја страна, рече неодамна техничкиот министер.

Слични содржини