Поткастот „Да не се лажеме со Хаџи Јанев“ во уште ново издание понуди интересна тема за дебата, а овојпат за соговорник беше повикана проф. д-р Александра Милева, редовен професор на Факултет за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“. Таа говореше за сајбер безбедноста, но даде и корисни совети за тоа како корисниците да се заштитат во ерата на новите технологии.
Според проф. д-р Александра Милева, живееме во време во кое не можеме да се замислиме без интернет, но и време кога расте интернет криминалот, и опасноста за најмладите корисници на современите технологии.
- Постоењето на интернетот, особено доминацијата на денешната вештачка интелегенција има свои позитивни и негативни страни. Оваа интелегнција ги користи компјутерите и машините за да ги имитира способностите на човечкиот ум и моќта на одлучување за решавање проблеми. Во однос на уметноста, веројатно за среќа, таа засега не може да ги доживее, изрази и артикулира страста и емоцијата кои уметникот, авторот, ги поседува и манифестира во процесот на создавање на уметничкото дело. Во однос на авторските права, може да се појават предизвици околу докажувањето на оригиналноста на делото, особено во случаите кога генерира дела без човечка интервенција, вели Милева.
Како што кажа проф. д-р Александра Милева, сајбер хигиената е неопходна за поголема безбедна околина во технолошкиот свет, бидејќи само на тој начин корисниците може да ги заштитат своите лични податоци и архиви со лични документи.
- Онлајн измамите се едни од најактуелните видови измами во светот, вклучувајќи ја и Македонија. Купувањето разни работи преку интернет никогаш не било покомпрмитирано од страна на онлајн криминалците. Па, така, граѓаните најчесто завршуваат измамени за брендови што излегува дека се евтини фалсификати, добиваат погрешни производи, за кои никогаш не ги добиваат назад парите или замена на производот. Покрај ова, лозинките на корисниците е неопходно да содржат повеќе од осум симболики, а со цел да ги спречат „хакерите“ и да им го отежнат патот на пробивање на профилите, мобилните уреди или компјутери. Анализите досега покажале дека луѓето се најслабата карика во сајбер безбедноста, па оттука и апелирам на зголемување на свеста, бидејќи безбедноста на Интернетот зависи од нас корисниците, алармира Милева.
Проф. д-р Александра Милева упати порака и до политичарите, потенцирајќи дека нивната свест за сајбер безбедноста мора да се зголеми, бидејќи е срамно во 21 век да постојат хакерски напади врз државните институции. Таа апелираше дека и во образованието е потребна поголема практика отколку теорија во едукацијата на сајбер безбедноста, бидејќи младите мора на рана возраст да се едуцираат за опасностите кои демнеат во светот на интернетот.
Целото интервју со проф. д-р Александра Милева емитувано на „Јутјуб“ профилот на Канал 77 може да го проследите во петок со почеток од 18 часот.
https://www.youtube.com/@RadioMrezaKanal77