Илустрација: „Нова Македонија“

Пред да станат членки на ЕУ, Словенија и Хрватска, државите што произлегоа од некогашната југословенска федерација, мораа да прикажат „чисто досие“ од Хашкиот трибунал во однос на постигнатата правда за секое сомневање и обвинение за злосторства против човештвото извршени во конфликтите при распадот на Југославија и по него

Приближно по еден месец откако до македонската влада е испатено писмото од (сега веќе) поранешната комесарка за човекови права при Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, во кое бара „расчистување со насилното минато“ и судско активирање на речиси заборавените „хашки случаи“ од оружениот конфликт во Македонија во 2001 година, сѐ уште актуелниот министер за правда во македонската влада, Кренар Лога, во Хаг, Холандија, ја потпиша Конвенцијата за меѓународна соработка во истрагата и гонењето на злосторството геноцид, злосторства против човештвото, воени злосторства и други меѓународни злосторства. Оваа (љубљанско-хашка) конвенција има цел да ја олесни меѓународната соработка во кривичната материја меѓу државите членки и да обезбеди ефективна меѓународна правна соработка во истрагите и гонењето на овие злосторства. Конвенцијата како исклучително значаен меѓународен инструмент претставува практична алатка што ќе им помогне на државите членки за откривање на геноцидот, злосторствата против човештвото, воените злосторства и други меѓународни злосторства.

Првин правдата да си дојде на своето, па потоа се оди кон ЕУ

Колку и да се гласни наративите на политичките субјекти во Македонија за нивните заложби да ја внесат земјата во ЕУ по секоја цена, таквата „врева“ сепак не ги ослободува од одговорност за расчистување на сомнежите и обвинувањата за нивната улога при извршување злосторства против човештвото, кои никогаш не застаруваат. Писмото на комесарката за човекови права при Советот на Европа јасно става на знаење дека кругот за расчистување со злосторствата против човештвото на Западен Балкан треба да се затвори во Македонија!
Пред да станат членки на ЕУ, Словенија и Хрватска, државите што произлегоа од некогашната југословенска федерација, мораа да прикажат „чисто досие“ од Хашкиот трибунал, во однос на постигнатата правда за секое сомневање и обвинение за злосторства против човештвото извршени во конфликтите при распадот на Југославија и по него. Со многу драматични (политички) ситуации во изминативе дваесетина години, расчистувањето со насилното минато, особено со импликации за злосторства против човештвото, се случуваше во Србија, а колку и да беше комплицирано, со тоа во голема мера расчисти и Босна и Херцеговина.

lПроцесот на барање правда и одговорност за злосторства против човештвото на Западен Балкан никако не може да биде целосен ако тој не биде спроведен и во Македонија. Неспроведената правда за хашките случаи, дури и да бидат исполнети сите стандардни и неправедни услови што ни се поставуваат на патот кон ЕУ, дури и земјата да стане членка на Унијата…, ќе претставува компромитација на владеењето на правото не само за Македонија туку и за Европската Унија

Во Црна Гора, паралелно со преговорите што ги води со ЕУ, „дискретно“ се оддалечуваат од власта политички ликови осомничени за поврзаност со криминални активности, дури и за шверц со цигари. На ред дојде дури и Косово, за кое е формиран Специјален суд во Хаг (не станува збор за Трибуналот), кој е дел од судскиот систем во Косово, каде што им се суди за воени и злосторства против човештвото на некогашните лидери на УЧК, кои беа и носители на највисоки државни функции по прогласувањето на независноста на оваа земја. Процесот на барање правда и одговорност за злосторства против човештвото на Западен Балкан, никако не може да биде целосен, ако тој не биде спроведен и во Македонија. Неспроведената правда за хашките случаи, дури и да бидат исполнети сите стандардни и неправедни услови што ни се поставуваат на патот кон ЕУ, дури и земјата да стане членка на Унијата…, ќе претставува компромитација на владеењето на правото не само за Македонија туку и за Европската Унија.