Прометот во јануари паднал над 12 проценти, најмногу во рударството и дрвната индустрија

Забележан е голем пад кај прометот во индустријата, во текот на јануари 2024 година, споредено со тој месец минатата година. Согласно со податоците на Државниот завод за статистика, индексот на прометот во индустријата во јануари 2024 година изнесувал 87,2, што, всушност, покажува дека има пад од високи 12,8 проценти во индустријата

30

Вкупниот промет во индустријата, во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, е намален за 12,8 %, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Во однос, пак, на декември лани, прометот во индустријата се намалил за 14,2 %.

Според главните индустриски групи, вкупниот промет во индустријата, во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, бележи опаѓање кај интермедијарните производи, освен енергијата за 7 % и кај капиталните производи за 25,1 %, додека бележи пораст кај трајните производи за широка потрошувачка – од 1,9 % и кај нетрајните производи за широка потрошувачка од 8 %.

Најголем раст на прометот во индустријата за период од една година имале секторите за поправка и инсталирање на машини и опрема, каде што е забележа раст од 171 % и во индустријата за производство на тутунски производи, каде што е забележан раст на прометот од 131 %.

Највисок пад на промет од 41,6 % бележи рударството, по кое е дрвната индустрија со пад на прометот од 43,5 %.

Прометот во индустријата на домашниот пазар, во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, се зголемил за 2,5 %.

Според главните индустриски групи, прометот во индустријата на домашниот пазар во споредуваниот период бележи пораст кај капиталните производи од 34,3 % и  кај нетрајните производи за широка потрошувачка од 4,5 %, додека бележи опаѓање кај интермедијарните производи, освен енергијата – за 2,5 % и кај трајните производи за широка потрошувачка за 3,5 %.

Прометот во индустријата на странските пазари, во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, забележал пад од 16,8 %. Во овој промет, највисок пораст од 190,3 % има прометот на  тутунската индустрија.

Во однос, пак, на декември лани, прометот во индустријата во јануари годинава се намалил за 14,2 %. На домашниот пазар, прометот во јануари, во однос на декември, се намалил за 18,8 %, додека прометот на индустријата на странските пазари забележал пад од 9 %