Нема албански јазик на натпревар по математика?! – Маркоски: Не станува збор за дискриминација, туку за технички пропуст

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Дојдоа подготвени за натпреварот по математика. Но, решија да го бојкотираат натпреварот организиран од Сојузот на математичари на Македонија, бидејќи тестовите се обезбедени само на македонски, а не и на албански јазик.

„Подготвени се, се спремаа. Ние родителите ги направивме сите потребни уплати и кога дојдовме денеска тестот беше само на македонски јазик. Многу сум разочарана затоа што постојано се зборува дека има двојазичност, но тоа никаде не го гледам, ниту во школските документи, кои честопати ги имам одбиено поради тоа што не го разбирам македонскиот и имам право да ги имам на својот мајчин јазик. Но, зошто и на натпревари се прави оваа дискриминација? Тоа не е во ред“, вели Хаџаре Хаса.

„Чекаме час и половина, но нема решение. Донесовме одлука во сите три албански училишта во општина Бутел денеска да го бојкотираме тестот бидејќи нема примероци на албански јазик. Ги повлековме учениците, тука се и родителите кои нѐ поддржуваат во намерата да му дадеме до знаење на организаторот дека во трите училишта во Бутел има голем процент Албанци и дека организацијата треба да се направи како што треба“, порача Салаудин Хамиди.

Од 155 ученици, вкупно 80 се Албанци. Претседателот на Сојузот на математичари, Ѓорѓи Маркоски вели дека не се работи за дискриминација, туку за технички пропуст.

Што се однесува до материјалите, Маркоски рече дека на веб-страницата на Сојузот на математичари се објавуваат само темите за натпреварите, но не и материјалите. Тој додава дека тие не се државна институција за да спроведуваат двојазичност, туку се акредитирани само за организирање натпревари по математика.