Уважена е жалбата против мерката притвор во предметот за убиството на Вања

од Nikola Popovski

Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот Александар Ѓорчевски, татко на убиената Вања, изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост.

Јавната седница, како што соопштија денеска од Врховен, била на барање на осомничениот Ѓорчевски, а изјавена преку неговиот бранител и адвокат.

Претходно Врховен одржа јавна седница на 13 март, на која адвокатот ги изнесе аргументите на одбраната зошто сметаат дека на Ѓорчевски треба да му биде укината мерката притвор. Врховен, по околу два часа од одржувањето на седницата, соопшти дека Советот за кривични дела ја одбил како неоснована жалбата и го потврдил решението на Апелацискиот суд Скопје.

За убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски осомничени се петмина. Четворица се под истрага за соизвршителство за две грабнувања и две убиства на суров начин. За петиот осомничен се прибираат докази дека им помогнал да го грабнат малолетното девојче.

Постапката за екстрадиција на првоосомничениот Љупчо Палевски почна кон почетокот на декември минатата година. Тој беше уапсен на 5 декември во Беликесир во Турција, а сега е во затворски притвор. Во наредниот период се очекува неговото доведување назад во земјава, иако се уште се нема официјална информација кога би се случило.

Слични содржини