Со пилешко од фармата на Тони се сладеа и Марија Шерифовиќ, Ана Бекута, Ѓорѓе Давид…

Во Фармата „Домашно пиле“ се произведуваат свежи пилиња и производи од свежо пилешко, а месечно се обработуваат 20 илјади свежи пилиња кои се наменети за домашниот пазар. Сопственикот на фармата, Тони Димевски, вели дека почнал со производство на јајца, а сега има неколку современи модерни фарми на повеќе локации низ градот во кој произведува свежи пилиња и производи од свежо пилешко месо. За пилињата на Тони се дозна и во Србија, а со вкусното пилешко од неговата фарма се сладеа и членовите на жирито од  популарното балканско музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“, во кое настапуваше неговиот син, Дамјан Димевски

10191

Фармата „Домашно пиле“, која е уште попозната како Фармата на Тони, постои од 1999 година. На фармата најпрво се одгледувале несилки, а од 2008 година почнале да се одгледуваат бројлери. Денес Фармата на Тони има неколку големи објекти на неколку локации во градот Скопје, во кои производството е целосно автоматизирано. Во фармата се произведуваат свежи пилиња и производи од свежо пилешко месо, а месечно се обработуваат 20 илјади свежи пилиња кои се наменети за домашниот пазар. Сопственикот на фармата, Тони Димевски, за весникот ВЕЧЕР, ја раскажа приказната за почетоците и за тоа како со вкусното пилешко од неговата фарма се сладеа и членовите на жирито во музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд„ во кое настапуваше неговиот син Дамјан Димевски.

-Во 1999 почнавме со одгледување на несилки, а од 2008 година се преориентиравме на бројлерско производство. На почетокот имавме две фарми, една во Идризово и една во Илинден, со вкупно 3.000 несилки. Во 2008 година во фармата Белимбегово почнавме со одгледување бројлерски пилиња за потребите на кланицата „Пилко“. По пропаѓањето на „Пилко“ почнавме да одгледуваме бројлерски пилиња за свои потреби. За таа цел изградивме кланица каде што ги обработувавме пилињата и од каде што ги доставуваме до месарниците. Исто така, вршиме и достава до дома, а нарачките се прават директно преку телефон или преку фејсбук-страницата „Домашно пиле“, вели Димевски.

Тој додава дека идејата да почне да се занимава со бројлерско производство ја добил во Унгарија. Долго време се занимавал со трговија и патувајќи низ европските држави видел колку е развиено живинарство, а особено во Унгарија каде што одгледувањето на бројлери било на едно многу повисоко ниво од кај нас. Тоа му било поттик и тој да тргне по тој пат.

На фармата почнал со обработка на 250 пилиња, а сега обработува 20 илјади пилиња месечно, односно 250 илјади пилиња годишно кои ги дистрибуира исклучиво свежи. Освен пилешко продава и други свежи производи, пилешки стек, крилца, копани, џигер…

-Во 2000 година почнавме да градиме сопствена фарма во општина Петровец, во село Огњанци. Таму сега има четири најсовремени објекти за одгледување на пилиња со современа опрема – автоматско хранење, напојување со вода, вентилација и греење. Планираме да изградиме уште шест објекти за одгледување на пилиња со што ќе го дуплираме производството. Почнавме и со изградба на кланица каде што ќе ги обработуваме пилињата кои ќе се произведуваат во нашата фарма, вели Димевски.

Фармата е семеен бизнис во кое е вклучена цела фамилија, жена ми, двајцата синови и снаата. Помалиот син сè уште се школува и само помага, односно не е вработен во фармата, а сите други се активно вклучени во работата. На фармата се вработени уште 10 луѓе кои се грижат за пилињата и се вклучени во производството.

-Со вкусното пилешко од нашата фарма се сладеше и жирито од Ѕвездите на Гранд. Помалите син Дамјан Димевски пред неколку години учествуваше во музичкото шоу и таму направивме ручек од нашите производи за жирито и за организаторите на шоуто. Членовите на жирито беа воодушевини од нашето пилешко месо, објаснува Димевски и додава дека и поранешната учесничка и победничка на музичкото шоу „Никогаш не е доцна“, Добрила Чабриќ, која е нивна семејна пријателка и често доаѓа на неговата фарма да проба од неговите производи.

Тој објаснува дека одгледувањето на бројлери е комплексна работа и оти треба да успеете да го затворите кругот, односно да го одгледате пилето, да го обработите и да го продадете.

-Ние почнавме со обработка на 250 пилиња, а сега обработува 20 илјади пилиња месечно. Сега на пазарот се бара пиле повеќе од нашата фарма поради тоа планираме да го дуплираме производството. Она што ќе го произведеме денеска утре сабајле е во продажба во месарниците. Целото производство се продава како свежо и нема ништо замрзнато, објаснува нашиот соговорник.

Димевски вели дека довербата кон потрошувачите која ја градат со години и квалитетот на производите се клучни за да успеат на пазарот.

-За да се постигне сето ова, односно да се прошири производството и да се изградат повеќе фарми потребни се многу љубов, упорност и многу непроспиени ноќи. Пилето се одгледува 24 часа и потребен е постојан надзор. Пилешкото месо кое се продава исклучиво како свежо бара голем труд и ангажман од одговорен персонал. Рокот на траење на свежото пилешко е 7 дена и наша цел е за не повеќе од 24 часа од обработката да биде кај консументот. Во оваа работа квалитетот на производите е од исклучителна важност, бидејќи целта ни е потрошувачот да биде задоволен, појаснува Димевски.

Тој вели дека од фармата се врши и достава на свежи, домашни пилешки производи до домаќинствата во Скопје. Доставата на порачките се одвива според договорено време со потрошувачот се со цел да се зачува квалитетот. Производите од неговата фарма се достапни и во повеќе месарници низ градот.

Одгледување на бројлерско пиле спаѓа во редот на бизниси кои имаат брз обрт на средства. Производството на бројлери трае максимум 60 дена и потоа може да ги обработите пилињата и да добиете готов производ, како цело пиле, пилешки стек, копани, крилца….

Најбитниот фактор за здрави пилиња е исхраната, затоа Тони освен производство на свежо пиле се занимава и со производство на домашна здрава храна на неговите пилиња.

– Исхраната на пилињата е една од најбитните работи за да може да обезбедиме здрав краен производ. На нашите ниви, кои се наоѓаат во Кумановско, имаме засадено пченица и пченка за потребите на наштата фарма. Тоа значи дека нашите пилиња се хранат со домашна здрава храна, раскажува Тони.

Вели дека од овој бизнис добро се живее. Со оглед на тоа дека е се работи за семеен бизнис што значи сите се вработени и живеат исклучиво од приходот што го остваруваат од фармата значи дека и добро се заработува.

-Со домаќинско работење и со добро менаџирање секако дека може добро да се заработи. Ги повикувам младите да дојдат на нашата фарма и да видат како се работи. Нашите објекти речиси целосно ги има изградено постариот син. Поради тоа мојата порака до родителите е да учат децата од мали нозе да работат и да не ги штетдат. Добрите работни навики ќе им помогнат полесно да се снајдат во животот, а на родителите ќе им биде полесно доколку порано се осамостојат, порачува Димиевски.

Иднината во животот е производството на храна. Предмети и техника се купува ретко, а храна секојдневно. Па поради тоа им порачувам на младите доколку сакаат да започнат некој бизнис да не се плашат туку да бидат решителни, бидејќи со работа и со труд сè се постигнува.

(А.С.)