Флоскулата „Или интеграција во ЕУ или изолација“, претставува празна фраза и манипулација, цени поранешниот престедател на МАНУ, академик Љупчо Коцарев во емисијата „За или против“ на Алфа со новинарот Љупчо Цветановски, повикувајќи ги граѓаните на 8-ми мај одлучно да кажат НЕ! за сите тие што го негираат македонството. Цени дека на претстојните избори на 8 мај бираме меѓу безнадежна и недостоинствена Македонија што сегашната Власт упорно ја промовира и надежта да изградиме достоинствена, хумана, солидарна и просперитетна Македонија во која пејоративните „северномакедонци“ ќе бидат повторно Македонци за сите жители на планетата Земја.

„Честитајќи го празникот Први мај – меѓународниот ден на трудот, на сите граѓани во Македонија, ве повикувам на 8 мај одлучно да кажеме НЕ! за сите што го негираат македонството. Но, ова треба да биде аманет и за идната власт: таа треба одлучно да се спротивстави на негирањето на македонството, однадвор и одвнатре. До 2018 година Македонија беше признаена како „Република Македонија“ од повеќе од 130 земји, вклучувајќи ги сите десет најнаселени земји во светот (Кина, Индија, САД, Индонезија, Бразил, Пакистан, Нигерија, Бангладеш, Русија, Мексико). Елементарна алгебра покажува дека во 2018 г. нашата земја беше именуваа како Република Македонија од речиси 80 отсто од жителите на планетата Земја. Во еден ден, 17 јуни 2018 г., со еден потпис сето тоа беше избришано“ посочува академик Коцарев кој апелира и порачува дека ние мораме секојдневно да зборуваме за македонската кауза, со единствена цел повторно да ги придобиеме нашите вистински пријатели – „Во 2018 година тие беа повеќе од шест милијарди граѓани на планетата Земја – тогаш, во 2018, не бевме сами, денес нив ги нема, денес, всушност, ние сме изолирани – оставени на ветрометина да не понижуваат и навредуваат сите, дури и одвнатре!“ цени Коцарев.
„Флоскулата „Или интеграција во ЕУ или изолација“, претставува празна фраза, манипулација,“ посочува академикот и потенцира дека државите како Велика Британија, Исланд, Норвешка, Турција, Сан Марино, Андора, Лихтенштајн, Ватикан, Монако, Швајцарија, на пример, не се членки на ЕУ и не се изолирани држави, а впрочем, и Република Македонија не е членка на ЕУ и не е изолирана држава.
„Каква е целта на упорното повторување: „или ЕУ или изолација“? Можеби сеење страв и раздор? Па затоа, на претстојните избори на 8 мај бираме меѓу безнадежна и недостоинствена Македонија што сегашната Власт упорно ја промовира и надежта да изградиме достоинствена, хумана, солидарна и просперитетна Македонија во која Северномакедонците ќе бидат повторно Македонци за сите жители на планетата Земја! Оттука, ги повикувам новите владејачки елити освен ветувањата за поголеми економски придобивки (на пример, зголемени пензии), што се несомнено есенцијални, да се обврзат дека ќе го бранат македонството: да го запомнат аманетот на Блаже Конески: „Послушајте Македонци, за нас повеќе отколку за многу други во светот, јазикот ни претставува единствена наша комплетна татковина“. Сите, минатите и идните политички елити (од било која провиниенција) треба да го перципираат Блаже Конески за џин, колос, титан, а не за џуџе од Небрегово!“ резимира академик Коцарев во интервјуто за Алфа.