Корејците го отпуштија Јирген Клинсман по само 12 месеци

Германецот Јирген Клинсман (59) е отпуштен од функцијата селектор на Јужна Кореја, по само 12 месеци. Тој беше назначен во февруари минатата година, со договор до крајот на Светското првенство (СП) 2026 година.

Една од главните причини за отказот на Клинсман е поразот на Јужна Кореја во полуфиналето на Купот на Азија со што продолжи 64-годишното чекање на титулата.

Исто така, имаше извештаи за тепачки меѓу врвни играчи. Капитенот Сон Хеунг-мин, наводно го повредил прстот за време на расправијата со соиграчите пред шокантниот пораз во полуфиналето од Јордан, 0:2. Инцидентот се случил за време на тимската вечера, соопшти Корејската фудбалска асоцијација (КФА).

По поразот од Јордан, Клинсман рече дека не планира да поднесе оставка. Меѓутоа вчера фудбалските челници на Ј.Кореја соопштија дека на поранешниот напаѓач на Тотенхем и шампионот од СП 1990-та му „истекло времето“ да ги промени работите.

Клинсман не беше популарна личност меѓу навивачите поради тоа што малку време минуваше во Јужна Кореја и претпочиташе да останува дома, во Калифорнија. Тој ја предводеше Германија до третото место на СП 2006 година, а САД до нокаут-фазата на СП 2014 година.

Во првите шест месеци од работата како селектор, еден весник во Сеул пресметал дека Клинсман поминал само 67 дена во земјата, за разлика од претходниците кои биле сместени во главниот град.

Тимот со ѕвезди на Јужна Кореја, како Сон, напаѓачот на Волците, Хванг Хи Чан и Ли Канг-ин од ПСЖ, беа меѓу фаворитите за кревање на пехарот на Купот на Азија, но играа под очекувањата.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО