Столтенберг во посета на Киев: Не е доцна Украина да победи

од Симе Стоиков

Денеска, на 29 април, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Столтенберг на заедничка конференција со медиумите оцени дека неколкумесечното доцнење на воената помош од Соединетите Американски Држави (САД) за Украина „има сериозни последици на бојното поле“, пренесе АФП. Столтенберг изјави дека „на пат е повеќе воена помош“ и дека „не е доцна“ Украина да победи во војната.

„Украина со месеци е отфрлена од оружје, принудена да ја рационализира својата муниција… Но, не е доцна Украина да победи“, рече Столтенберг на заедничката конференција со украинскиот претседател.

Зеленски, од друга страна, повика на побрза испорака на оружје со цел Украина да се спротивстави на руската офанзива. Тој изјави дека во Украина почнало да пристигнува „витално оружје“ од САД, но во мали количини.

„Заедно мораме да ја прекинеме руската офанзива. Брзината на снабдувањето со (оружје) буквално значи стабилизирање на линијата на фронтот. Руската војска сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме испораки од нашите партнери“, рече Зеленски.

Украинскиот лидер ја нагласи и потребата од испорака на софистицирани американски системи за противвоздушна одбрана Патриот, кои Киев ги смета за клучни за одбрана на воздушниот простор на Украина од руски ракетни напади.

Слични содржини