ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Избори 2024 во Охрид: На Парламентарните избори ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата освои 17.696, СДСМ и коалицијата 4.852 гласови

Охрид, 9. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – По обработени 100% од гласовите на официјалната веб страна на Државната изборна комисија (ДИК), најмногу гласови во Охрид на вчерашните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата – 17.696 (прв круг 14.702 со 54,09%), односно 57,40% од граѓаните.

СДСМ со коалицијата освои 4.852 гласови (15,74%), за Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија гласаа 2.624 лица во Охрид или 8,51%, а за Левица гласот го дадоа 2.249 охриѓани или 7,29%.

На претседателските избори, Гордана Сиљановска- Давкова освои 21.316 гласови (69,94%), додека за кандидатот Стево Пендаровски гласот го дадоа 7.692 граѓани, односно 25,24%.

До доцна во ноќта се славеше во Охрид, каде симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ ја прославија победата. Во голем број се собраа во центарот на градот, а се славеше и со возила и знамиња по улиците во Охрид.

Од Државната изборна комисија (ДИК) ги соопштија резултатите на претседателските избори, по обработени 99,09% од податоците, кои покажуваат дека кандидатката на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска- Давкова е новиот претседател на Република Македонија. Таа во вториот круг од вчерашните, седми по ред претседателски избори освои 560.170 (65,14%) од гласовите со предност од 308.629 гласови пред Стево Пендаровски од коалицијата предводена од СДСМ, кој освои 251.541 (29,25%) гласови.

Во идниот состав на Собранието 120 те пратеници ќе бидат од четири коалиции и две политички партии. Најголем број на гласови освои коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ 431.251 или 43,23% од гласовите. Коалицијата предводена од СДСМ освои 153.250 гласа или 15,36% од гласовите, коалицијата предводена од ДУИ освои 137.486 гласови или 13,78%, Коалицијата „Вреди“ освои 106.991 гласови или 10,72%, партијата „Левица“ освои 67.338 гласови или 6,75% и движењето „ЗНАМ“ освои 55.539 глас или 5,57% од гласовите на граѓаните кои го остварија своето право на глас. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука