Приведен уште еден новинар поради соработка со тимот на Навални

од Nikola Popovski

Уште еден руски новинар е приведен во Русија поради екстремизам, при што е обвинет дека снимал видео материјал за тимот на починатиот опозиционер Алексеј Навални, објави новинската агенција Асошиејтед прес (АП).

Сергеј Карелин, кој работел за АП, е вториот новинар уапсен поради ваквите наводи по приведувањето на Константин Габов, кој повремено работеше за новинската агенција Ројтерс и беше приведен на 27 април.

– Асошиетед прес е многу загрижен поради приведувањето на рускиот видео новинар Сергеј Карелин – објави агенцијата, додавајќи дека бара дополнителни информации, пренесува МИНА.

Габов, кој, според медиумите, работел и за руските телевизиски канали Москва 24 и МИР, како и за белоруската новинска агенција Белсат, ќе остане во притвор најмалку до 27 јуни, соопштила прес-службата на судовите преку објава на Телеграм.

Судиите соопштиле дека Карелин и Габов се обвинети дека помогнале да се подготват видеата за објавување на Јутјуб каналот „NavalnyLIVE“, платформа што ја користи тимот на Навални.

Слични содржини