„Призма“: Нема корупција, но нема ни домаќинлак во изнајмувањето возила за Владата

Владата ќе продолжи со праксата да изнајмува луксузни возила за високите функционери и да ги враќа по три години, иако Државната комисија за спречување на корупцијата утврди дека недостасува опсежна анализа дека овој модел на набавка, т.н. оперативен лизинг, е поисплатлив во споредба со купувањето автомобили, пишува порталот „Призма“ во сторијата „Нема корупција, но нема ни домаќинлак во изнајмувањето возила за Владата“.

Службата за општи и заеднички работи, на 26 февруари распишала оглас за нова набавка на 45 возила од висока класа по пат на оперативен лизинг, со рок на доставување понуди до 27 март. Тоа беше очекувано, бидејќи годинава истекува договорот од 2021 година за користењето на возилата „шкода суперб“, со кои сега се превезуваат министрите, странски делегации и други функционери.

Според досегашната пракса, која трае од 2012 година и се повторува секои три години, изнајмувањето возила преку оперативен лизинг чини речиси исто колку и купувањето нов автомобил од истиот модел. Цените што досега ги плаќала Владата за да користи еден автомобил и да го врати по 36 месеци (колку што важи договорот) била меѓу 37 400 и 40 200 евра.

Во договорите потпишувани досега се предвидувало дека за тие цени едно возило може да помине максимум 120 илјади километри, или во спротивно државата ќе треба да доплаќа за секој поминат километар над тој праг. И во сегашниот оглас, СОЗР ги постави истите услови – да ѝ се достават понуди за оперативен лизинг на 36 месеци, со предвидена километража од 120 илјади километри.

Од владините гаражи во огласници

Со првите три тендери биле набавени возила „фолксваген пасат“, а со четвртиот од 2021 година, кој сѐ уште е во сила, министрите добија „шкода суперб“. Во каталозите што можеа да се најдат на интернет-страницата на компанијата што ги увезува овие брендови, продажните цени за новите возила од истите модели, со исти карактеристики, беа за една до две илјади евра поскапи од вкупната сума што Владата ја исплаќала на 36 рати.

Клучната разлика е што со купувањето, автомобилите ќе останеле во државна сопственост, а со оперативниот лизинг се враќаат и потоа осамнуваат на огласници за половни возила, за половина цена од првичната, односно за околу 20 илјади евра.

„Имајќи предвид дека се работи за возила од висока класа, кои по истекот на три години од производството сѐ уште би биле атрактивни за купување, продажбата на истите по истекот на перидот од три години би резултирала во генерирање приходи“,

пишува во одлуката на Антикорупциската комисија од јуни 2022 година, со која анализирала набавката на автомобили со оперативен лизинг од 2021 година.

Во одлуката се образложува дека не е прекршен ниеден закон со ваквите набавки, односно нема корупција и нема основа за понатамошно постапување на комисијата, но дека недостасува прецизна пресметка што недвосмислено ќе покаже дека тие се поисплатливи од купувањето. Од ДКСК нагласиле и дека во 2021 година, СОЗР до Владата доставила едноставна пресметка за финансиските импликации од набавката на возила преку финансиски и преку оперативен лизинг. Но, не била презентирана пресметка со опцијата да се купат автомобилите.

„Врз основа на така дадените образложенија, СОЗР заклучила дека, со оглед на обврските што доаѓаат со секој од можните начини, како и со оглед на дотогашната искуствена примена на оперативниот лизинг, најдобра опција би била да се спроведе повеќегодишна јавна набавка по пат на оперативен лизинг“,

се додава во документот од Антикорупциската комисија.

Властите уверени во исплатливоста

На крајот од одлуката на ДКСК се вели дека материјалите од извршените анализи ќе бидат доставени до заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење, со цел да се регулираат и да се отстранат утврдените слабости. Вицепремиерката за добро владеење, Славица Грковска, не одговори на повиците на БИРН во врска со тоа дали ги примила анализите и дали постапила по нив.

И претседателката на новиот состав на ДКСК, Татјана Димитровска, не беше достапна да одговори дали повторно би се разгледал овој случај, со оглед дека има нов тендер.

Без разлика која партија била на власт во изминативе 12 години, надлежните постојано го давале истото образложение  дека оперативниот лизинг е поисплатлив.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи, одговарајќи на новинарско прашање за новата набавка, рече дека оперативниот и функционален лизинг во целиот свет бил најупотребуваниот механизам за службените возила, затоа што долгорочно гледано трошоците за одржување биле многу помали во тој вид.

Целата сторија на „Призма“ може да ја прочитате на следниот линк.

Back to top button
Close