79 години МНТ е миг кој трае

19

Во историјата на Македонскиот народен театар, денешниот датум- 31 јануари е мошне значаен ден. Во тогашната 1945 година, со Решението на Президиумот на АСНОМ (бр. 581/45), се заокружи правниот карактер на постоењето на театарот, создаден во текот на војната и револуцијата. Се заокружи она што го започнаа првите драматурзи и учители, патувачките театри и театрите на другите јазици. Потоа продолжи со желбата и силните напори на веќе афирмираните македонски театарски дејци кои активно се занимаваа со театар и во текот на Втората светска војна и веднаш по ослободувањето на Скопје. Со ова заокружување се оствари сонот на сите групи актери и уметници во тоа време, како и на културно-уметничката група „Кочо Рацин“ (составена од идните актери, режисери и сценографи на МНТ). Се оствари сонот за национален македонски професионален театар предводен од тогаш поставениот директор – режисерот Димитар Ќостаров и секретарот -драматург Илија Милчин (набрзо примен и како актер), сонот на десетина веднаш примени актери, двајца сценографи и дваесетина сценски и административни работници. Тоа е и сонот на 80 000 жители на град Скопје кои со среќа ја примија оваа вест преку весниците и со озарени лица ја чекаа првата премиера на нивниот/нашиот театар.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.