Press "Enter" to skip to content

Почна проектот за изградба на спа-центар во хотел “Молика“

“ЕСМ Молика“ Битола ја започна постапката за изградба на спа-центар во хотел “Молика“ Битола. Санирана е целокупната застарена водоводна инсталација и инфраструктура од зафатот во Ротинска река до резервоарите за вода и системот за дозирање со резидуален хлор, како и базенот во кој се влива оваа вода, во непосредна близина на хотелот. Тоа е предуслов за изградба на спа-центарот кој значително ќе го зголеми квалитетот на понудата на хотел “Молика“.

Паралелно со овие зафати, ЕСМ “Молика“ работи на обезбедување на потребната документација од надлежните државни институции и од Општина Битола за почеток на градежните работи. Покрај спа-центар во кој гостите ќе се рекреираат и ќе уживаат, предвидена е изградба и на фитнес сала со поглед на моликовата шума.

Управниот одбор на Државните електрани даде зелено светло за предлог – финансиската конструкција за изградба на спа-центар во хотел “Молика“, меѓудругото, и заради одлично завршените реконструктивни зафати во хотелот “Молика“ кои беа изведени за првпат после 30 години откако објектот е изграден, а кои наидоа на исклучително позитивни реакции во битолската и македонската јавност.

Исто така, за првпат откако постои, хотел “Молика“ минатата година ја заврши со позитивен финансиски резултат, што внесува дополнителна доверба во АД ЕСМ дека и изградбата на спа-центарот во хотелот “Молика“ ќе биде реализирана според планот кој друштвото го зацрта.

More from ВестиMore posts in Вести »