С Македонија е единствена земја во регионот која со Законот за нефер трговски практики се приближува кон легислативата на ЕУ

Законот за забрана на нефер трговски практики, со кој се очекува намалување на цените на прехранбените производи, беше изгласан на денешната собраниска седница

Република Северна Македонија е единствена земја во регионот која со Законот за нефер трговски практики се приближува кон легислативата на земјите членки на Европската Унија бидејќи е резултат на директива на ЕУ. Дополнително, тој е чекор напред кон зацврстување на компетитивноста на домашниот пазар преку креирање на предвидлива и фер бизнис клима, објави вечерва на својот фејсбук профил, вицепремиерот Фатмир Битиќи откако Собранието со 82 гласа „за“ попладнево го усвои Законот за нефер трговски практики.

„Се штитат граѓаните од неетичко однесување на трговците, неправедно зголемување на цените и се заштитува нивниот животен стандард. Се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Се регулираат 26 нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Нема да се дозволи да се користи моќта на некоја голема компанија која ќе има екстра маржа, при тоа користејќи производи на другите компании, а целиот тој товар да оди на грбот на нашите сограѓани. Очекуваме да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите“,

напиша Битиќи на Фејсбук.

Надоместоците кои сега се наплаќаат во договорниот однос меѓу купувач и добавувач, кои надоместоци сериозно влијаат на малопродажната цена на штета на потрошувачите, ќе се сметаат за забранета нефер трговска практика, додаде тој.

Законот за забрана на нефер трговски практики, со кој се очекува намалување на цените на прехранбените производи, беше изгласан на денешната собраниска седница.

Со усвојувањето и примената на законот, како што посочија од Министерството за економија, кое беше предлагач на законското решение, се очекува да се влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на зголемување на квалитетот на производите.

Според ресорното министерство, законот треба да донесе позитивни ефекти во работењето на добавувачите, купувачите и сите други оператори во различните фази на производство, преработка, маркетинг, дистрибуција и малопродажба на земјоделски и прехранбени производи и соодветна примена на забраните на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

Со законското решение се определува и колку процентуално може да изнесува максималниот рабат кој маркетите може да го бараат од производителите и добавувачите, кои сега надминуваат над 30-40 отсто од цената.

Пронајдете не на следниве мрежи: