ОН ја усвоија првата глобална резолуција за вештачка интелигенција

Генералното собрание на Обединетите нации во четвртокот ја усвои првата глобална резолуција за вештачка интелигенција за поттикнување на заштитата на личните податоци, надзорот над вештачката интелигенција и заштитата на човековите права, известија за Reuters американски функционери.

За необврзувачката резолуција, која беше предложена од САД и коспонзорирана од 122 други земји, се преговараше три месеца и предвидува зајакнување на приватноста, изјавија официјални лица на брифинг со новинарите пред усвојувањето на резолуцијата.

„Ние пловиме во немирни води со технологија која брзо се менува, што значи дека е поважно од кога и да е да се владее во духот на нашите вредности“, изјавил еден висок претставник на американската администрација, опишувајќи ја резолуцијата како „прв вистински глобален консензус документ за вештачката интелигенција. .

Резолуцијата е последна во серијата иницијативи на владите ширум светот за да го обликуваат развојот на вештачката интелигенција поради стравувањата дека може да се искористи за да се нарушат демократските процеси, да се изврши измама или да доведе до драматично губење на работни места.

„Несоодветното или злонамерно дизајнирање, развој, имплементација и употреба на системи за вештачка интелигенција претставуваат ризици кои можат да ја поткопаат заштитата, промоцијата и уживањето на човековите права и основните слободи“, се вели во резолуцијата.

На прашањето дали преговарачите се соочиле со отпор од Русија или Кина, коишто, исто така, гласаа за резолуцијата, официјалните лица признаа дека имало „многу жестоки дискусии“.

„Сепак, ние активно соработувавме со Кина, Русија, Куба и други земји кои често не се согласуваат со нас“, рекле соговорниците.

„Веруваме дека резолуцијата постигнува соодветна рамнотежа меѓу промовирањето на развојот и продолжувањето на заштитата на човековите права“, рекол еден од американските функционери кој сакал да остане анонимен.