Вести Македонија

Арсовска демантира дека буџетот на МКЦ е скратен за 92 отсто, од протестот пред Град Скопје стигна демант на нејзиниот демант

Градоналничката Арсовска покажа документи според кои буџетот на МКЦ за оваа година не е намален за 92 отсто во однос на претходните години, туку само незначително. Според Арсовска, минатата година на МКЦ, од основниот буџет Град Скопје му одобрил 10,7 милиони денари, а оваа година 8,7 милиони денари. А, од сумата што се одвојува од буџетот за дотации, лани Градот на МКЦ му дал 34 милиони денари, а и оваа година сумата е иста.

„Намалувањето колку што можете да видите во вкупен износ е незначително и ниту во еден случај не е затоа што Градот Скопје нема интерес оваа институција да функционира , туку напротив МКЦ мора да работи и може да работи самоодржливо, со капацитетите со кои располага“, изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје.

Музичари, уметници и активисти кои го органираа музичкиот собир во неделата во одбрана на МКЦ и кои денеска дојдоа пред Град Скопје да протестираат, тврдат дека буџетот на оваа градска установа годинава е драстично скратен.

„Срамота е да скратиш буџет за 92 отсто. Во 2021 година – 24 милиони, во 2022 година – 12 милиони, во 2023 година – два милиона. Тоа е тешка срамота тешка“, вели мнузичарот Мартин Џорлев.

Дека буџетот од Град Скопје е скратен, може да се види и со споредба на податоците. Буџетот за МКЦ за оваа година е два милиона, а минатата година бил 8,4 милиони денари. Лани за киното „Милениум“ биле издвоени 6 милиони денари, а годинава 2,5 милиони.

Арсовска негира дека в.д. директорот на МКЦ, Богоев бил разрешен зашто не прифатил да потпише решение за вработување на Бени Шаќири. Според градоначалничката на Богоев му бил истечен мандатот.

„Што се однесува до лажните вести за наводен притисок врз претходниот в.д. директор на МКЦ, во целост ги отфрлам овие обвинувања. Доколку г-нот Ванчо Богоев  во рок од 48 часа не се извини за изнесените лаги , изнесеното ќе треба да си го докажува пред надлежен суд“, додава Арсовска.

Но, од протестот пред Град Скопје, рекоа дека смената на Богоев и назначувањето на Алексов на неговото место е со прекршување на статутот на МКЦ.

„Според Статутот на МКЦ, член 31 кога се назначува директор без конкурс треба да е од редот на вработените. Сегашниот директор е назначен само неколку дена претходно , преку Агенцијата за привремено вработување“, рече музичарот Борјан Гаговски.

На незавршена ревизија, градоначалничката кажа дека се утврдени повеќе неправилности кои биле клучни за одлуката, Богоев да биде сменет. Тој склучил повеќе од 250 договори за ангажирање на лица, без да се потпишат како за времени вработувања или ангажирања.Тие лица, од кои повеќето од ВМРО-ДПМНЕ биле исплаќани со илјадници евра. Над 90 од тие договори биле за шанкери, на кои месечно им се исплаќале од 350 до 750 евра, а од благајната на МКЦ биле повлечени над 100.000 евра на кои им се губи трагата.

Богоев, тврди Арсовска, издал простор од МКЦ на „Пасворд продукција“ на која договорот за закуп и истекол лани во март, а сè уште не се знае во чие владение е. Градоначалничката отфрли политизација околу назначувањето на новиот в.д. директор и кажа дека тие што протестираа со музички собир биле изманипулирани. Од протестот пред Град Скопје тоа го демантираа.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

Бојмацалиев: 508 кандидати за полициски службеници, ги подобруваме условите за обука со целосна реконструкција на Центар за обука во Идризово

Дејан Дејан

Руски воен репортер загина во Украина

Дејан Дејан

Лукаревска: Во следните четири години ќе ја зајакнеме домашната економија со јавни инвестиции од 3,5 милијарди евра

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе