Search

Симболи на Градскиот парк Скопје

Градскиот парк во Скопје е најголемиот градски парк во Македонија и со парк-шумата Гази Баба единствен од ваков обем. Градскиот парк датира уште од 19 век, а во периодот пред Втората светска војна во времето на најголемиот скопски градоначалник Јосиф Михаиловиќ е проширен, уредени се патеките и направени се фонтани. Паркот е дооформен по земјотресот во 1963 година, кога е и направен еден од најголемите технолошки зафати во земјава, регулацијата на коритото на реката Вардар.

Градски парк кој го знаеме денес е направен во 1970 година, кога е завршен насипот на Вардар, а како круна на паркот во 1971 година пуштена е во употреба фонтаната „Лотос“. Градскиот парк денес зафаќа површина од 486 илјади квадратни метри и  се простира помеѓу улиците „Ленинова“ на исток, булеварот „Октомвриска револуција“ на запад, реката Вардар на север и булеварот „Илинден“ на југ.

По својата концепција Градскиот парк е уреден во слободен, пејсажен стил, во склад со современите потреби и барање на современото живеење. Водните површини, каналите, езерцата, дрворедите и патеките овозможуваат рекреативна, забавна и културна активност.

Кермес

Кафеаната била изградена во 70-тите години од 19 век, кога скопската општина и скопскиот валија го формирале паркот „Ислахане“ (денешниот Градски парк). Во минатото пишувавме за Ислахана, објектот на Занаетчиското училиште, кое било изградено во 1869 година. Околу тој објект бил формиран парк, а подоцна до него, кон крајот на 19 век, била изградена и турската гимназија – Идадија, чии остатоци до денес се зачувани на просторот до бараките на Општина Центар.

Иако оригиналниот објект на Кермес не постои со години, тој сепак е едно од малкуте места кои се уште ја носат приказната за старо Скопје.  Неговата култна улога, како и интересна локација, го прават одлична тема за разговор како и меѓу постарите така и меѓу поновите генерации.

Најпозната била по ќебапчињата кои скопјани си ги дозволувале еднаш два пати месечно. Порано посета на кафеана било луксуз и не можеле да си дозволат секојдневни посети на кафеани за разлика од сега кога кафеаните се полни секој ден.

Езерце

Локацијата на некогашниот ресторан Езерце кај скопјани сè уште буди спомени на некогаш популарниот воз Ќиро.  Од Езерце се тргнувало и во убави дружби се патувало до Сарај и назад. Остатоците од тогашната железничка станица и денеска стојат во Градскиот парк и сето ова треба да се вклопи во идејното решение за новото и модерно Езерце. Езерце си го споменуваат скопјани по кола, оранж и најпознатите жабји батаци.

Лавиринт

Лавиринтот кој  се наоѓа во Градскиот парк се протега на површина од 1.000 квадрати, а живата ограда е висока 50 сантиметри. Својот нов изглед паркот почнал да го добива на 29 април 2008 година, на роденденот на холандската кралица, кога е отворен детскиот лавиринт, подарок за градот од амбасадата на оваа земја. Новото зелено катче, како што посочи холандската амбасадорка Симоне Филипини, е наменето, пред се’, за забава на најмладите, а на родителите им порача да го чуваат и одржуваат чисто.

Шаховски споменик

Споменик на шаховската олимпијада 1972 кој за жал се наоѓа во лоша состојба. Претставува шаховска табла, имаше и дел од шаховски фигури, направени по повод шаховската олимпијада која се одржала во 1972 година. Беше многу убава атракција додека се одржуваше. На секој шахист своевремено му било дозволено да засади по едно дрво во паркот.  

Школка

ШКОЛКА е проектирана од архитектот Кирил Муратовски во 1965-66. Оттогаш па досега на неа се организирале илјадници настани и престставува културен центар каде се одржале многу важни настани за градот, многу активности, работилници и е точка која спојува многу генерации секогаш за убава кауза.

Скулптура мече

Во Скопје постојат неколку скулптури на мечиња. За четири од нив се знае дека датираат од 1959 година. Поставени се на различни локации и кој и да помине покрај нив не може да остане рамнодушен, затоа што секако измамуваат насмевка и фотографија.

Најпознато мече е она во Градскиот парк, кое што се наоѓа во првиот дел на паркот, позади Кермес, помеѓу некогашните Езерца и Кермес. Поставено е 1959 година од страна на студентите учениците од трета година средно уметничко училиште во класата на професорот и уметникот Димо Тодоровски.  Мечињата се изведени од бетон, во четири познати примероци во училишната  работилница на чело со Блаже Јовевски. За познатата икона на Градскиот парк со сигурност се знае дека на ова слатко мече јавале безброј деца од градот и е најчестата скулптура во фамилијарните албуми на скопјани.

Фонтана Лотус

Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938-1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. Фонтаната уште пред нејзината реализација се очекувала со големо нетрпение и била најавувана во медиумите како најубава и најрепрезентативна во земјата. Пуштена е на 3 мај во 1971 година во присуство на многу значајни личности од земјата и од регионот.

Професор Живко Поповски во ин меморијам издаден од тогашниот Сојуз на архитекти СДАМ, денес ААМ ќе напише: „Фонтаната во нескротен цвет, со партерно уредување на влезот во градскиот парк е естетска минијатура пред еден систем на просторно вреднување во облик на архитектонски медалјон, кој зборува во особена светлина за творецот, како исклучителна личност и страстен читач на животот“.

Споменик Гоце Делчев

Автор на скулптурата е Љубомир Делчев кој ја изработил во 1946 година.

Страната  „Lexicon of foreign painters in Macedonia 1850-1950“ објави интересни информации за споменикот на македонскиот револуционер Гоце Делчев, во Градскиот парк во Скопје. Според изнесеното, за лиењето на споменикот е употребена бронзата од стопените споменици – коњаниците  поставени од Кралството Југославија, кои стоеле до пред Втората Светска Војна, на двете страни од Камениот мост. Тие имале голема уметничка вредност и биле изработени од  страна на Антун Аугустинчиќ а поставени во 1937 година. Потоа истите за време на бугарското фашистичко владеење биле отстранети и однесени во Софија.

Луна парк

Скопскиот Луна Парк беше нашиот Дизниленд каде децата ги поминуваа најубавите и најсреќните моменти возејќи се на некој од реквизитите во него.

Веќе седум години скопјани го чекаат „најдобриот и најубавиот“ Луна парк, кои тројца градоначалници досега не успеаја да го завршат. Децата на кои им се ветуваше уште во 2017 година, во меѓувреме станаа тинејџери, а просторот каде порано се простираше забавниот парк сѐ уште е само гола ледина на која се вратени неколку од тргнатите стари реквизити. Тажна е сликата на она што остана од некогашниот забавен парк, каде што во викендите беше врвулица од народ, а најмладите се радуваа на времето поминато на вртелешките.

Советот на Град Скопје ја усвои Програмата за планирање и уредување на градежното земјиште на подрачјето на град Скопје за 2024 година во која се предвидени пари од буџетот за Луна паркот за оваа година и тоа 7 милиони денари за изградба и 700 илјади за набавка на реквизити и нивно монтирање.

Летна сцена „Лепеза“ од поново време

Летната сцена сместена спроти Сточарски Институт, е една од локациите за отворени сцени за кои беше распишан конкурс од Град Скопје во Мај-Јули 2020та година, под чие покровителство е и изведбата.

Автори на оваа сцена се: Бојан Каранаков, Александар Радевски, Филип Велкоски, Борјан Менкиноски (архитектура), Денис Поповски (статика), Маја Минчов (електрика)

Поставена на ниска армирана бетонска бина, изведена како челична конструкција со дрвени талпи,  претставува урбана опрема во рамките на градскиот парк за одржување настани од отворен карактер, опремена со мобилни клупи во зависност на потребите и активностите кои лесно можат да се поместуваат, и притоа со мала интервенција да се трансформира во зависност од настаните одржани на неа.

Веќе можеме да забележиме дека е посетена локација, и се почесто го зазема своето место во секојдневните активности на посетителите на Градски Парк.

Најново

Последни колумни