Со претставата „Мозаик“ вечерва, на 17 мај, во Македонскиот народен театар (МНТ) на големата сцена завршува јубилејното, 20. издание на Фестивалот „Танц-фест“ Скопје 2024 кој се одржуваше под мотото „Сирово: од движење до виртуозност – 20 години Извонредност во современиот танц“.

Воедно со оваа претстава ќе се означи почетокот на серија настани за прославата на 50 години постоење на Францускиот институт во Скопје.

„Мозаик“ на светската кореографска ѕвезда и официјален кореограф на претстојните летни олимписки игри во Париз, Франција, Мурад Мерзуки, донесува пресек на неговите најдобри остварувања и е програма која ќе биде премиерно изведена во Скопје, за завршницата на фестивалската програма.

Кореографијата ја потпишува Мерзуки, асистент е Кадер Белмоктар, костимограф Надин Чабаниер, а продукцијата на претставата е на „Pôle en Scènes“ – Кафиг танцова компанија Франција. Публиката ќе може да ужива во виртуозноста на изведувачите и кореографско и режиско мајсторство на Мурад, со оваа извонредна танцова компанија, која е актуелна на сцените низ светот. Мурад Мерзуки и е познат на нашата публика, по неговото гостување на Танц Фест Скопје во 2017 со претставата „Пиксел“.

Со оглед на тоа дека Интерарт културниот центар, од оформувањето во 1996 година има тесна соработка со Францускиот институт, ова е прекрасна прилика да се спојат во еден миг двата значајни јубилеја. Интерарт културниот центар во 1996 година ја започна програмата „Недела на модерен балет“ во рамки на фестивалот Охридско лето, од кога и започнува соработката со Францускиот институт. Тоа е првата организирана презентација на европски современи танцови претстави во Македонија. Се радувам на двата јубилеја, многу ни значи соработката со Францускиот институт низ годиниве наназад, и му го честитаме овој голем јубилеј.“ – вели уметничката директорка Рисима Рисимкин.

Јубилејното издание на фестивалот е поддржано од Министерството за култура, Францускиот институт, Австриската амбасада во Скопје, а програмата се изведува во соработка со НОБ, МНТ, МКЦ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.