Да поверуваме ли дека реконструкцијата на делницата Катланово – Петровец ќе биде готова?

Давањето датуми во Македонија е вообичаена работа. Со години ЕУ ни дава „датум“, а политичарите македонски даваат „датуми“ за некаква градба дека ќе се направела, за она дека ќе се финиширало, за…

Веќе не се ни знае точната бројка на тоа колку, на пример, досега сме смениле датуми за почеток на преговорите со ЕУ. А листата на дадените датуми, извесно, се уште не е конечна. На оваа листа на датуми, инаку, може да и парира само листата на дадените датуми и рокови од македонските функционери за завршување на инфраструктурни проекти како што се патиштата.

Во случајот со десетгодишното (не)градење на автопатот од Кичево до Охрид досега се сменија куп датуми. А тука, рамо до рамо со него, е и реконструкцијата на автопатската делница од Катланово до Петровец.

Е оваа кратка делница сега пак доби датум. Градилиштето го посети и техничкиот премиер Талат Џафери кој рече дека според динамиката на градежните активности се очекува до крај на овој месец да биде завршена и оваа коловозна лента.

-Делница на автопатот која е во вкупната должина од околу 11 километри и во вредноста околу 10,5 милиони евра инвестиција која според известувањето на надзорниот орган до крајот на месецот би требало да е готова, рече Џафери.

Навистина ќе се сече лента? Да веруваме дека конечно на крајот од месецот ќе возиме по патот кој почна да се реконструира во септември далечната 2020 година?

Се работи за сосема за мали делници – 5.179 метри на десната коловозна лента и 4.752 метри на левата лента, но кои, тогаш избраниот, изведувач не успеал да ги заврши па мораше да се бара друг.

Инаку, за потсетување, во декември 2022 година министерот за транспорт и врски Благој Бочварски даваше рок дека ова делница ќе биде завршена до 31 декември 2023 година, исто како и автопатот од Кичево до Охрид. Но, очигледно, датумот не е запазен и сега се определува нов. Инаку, кога започна реконструкцијата во септември 2020 година беше определено да трае 12 месеци…

Претходна вестЖена од 103 години казнета во Италија затоа што возела со истечена возачка дозвола
Следна вестРусија: 30 македонски државјани загинаа во Украина, има уште 60 на боиштето