Киев ќе ги заостри безбедносните мерки стравува од руско инфилтрирање и балистичките ракети

Мерките за безбедност во украинскиот главен град Киев ќе бидат засилени откако Русија изврши серија напади со балистички ракети и поради можноста за ескалација, изјави во четвртокот градски функционер.

Русија минатата седмица започна координирани воздушни удари врз енергетскиот систем на Украина во, како што рече Москва, одмазднички напади поради украинското бомбардирање на руските региони.

Оттогаш, Москва ја зголеми употребата на балистичките ракети, кои се многу побрзи од конвенционалните крстосувачки проектили и потешко е да бидат навремено откриени и соборени.

Серхи Попко, шеф на воената администрација на Киев, рече дека советот за одбрана на градот ќе размисли што да преземе во врска со организирање јавни настани и ќе ја зголеми безбедноста околу големите собири.

Попко истакна дека ваквата одлука е донесена поради руските изјави и употребата на проектили кои ја погодуваат целта за неколку минути по истрелувањето.

Додаде и дека руските агенти „и други непријателски елементи“ можеби се обидуваат да се инфилтрираат во градот.

„Го молам жителите на Киев да останат смирени. Не паничете. Користиме превентивни мерки за Киев и неговите жители да бидат сигурно одбранети“, објави тој на Telegram.

Украинските власти редовно ги повикуваат своите западни сојузници да обезбедат повеќе системи за противвоздушна одбрана и муниција за да се спротивстават на сѐ почестите руски ракетни и напади со беспилотни летала.