ФК Детонит Плачковица и Радовиш со благодарност до Милош Ненезиќ

ФОТО: ФК Телевизија М Нет

Фудбалскиот клуб Детонит Плачковица веќе испиша историја со резултатите кои ги постигна оваа натпреварувачка сезона, откако тимот направи скор од 11 победи на 11 одиграни натпревари на домашен терен со постигнати 24 погодоци и без ниту еден примен погодок, статистика која е навистина за секоја чест како тоа екипата на Иван Варадиновски настапува на домашен терен.

Детонит Плачковица повеќе од јасно е дека ќе игра бараж за влез во Првата македонска фудбалска лига, што ќе биде најголем успех во историјата на радовишкиот фудбал. Ланското 5. место во Втората лига, беше мотив оваа сезона да се напаѓаат местата за Прва лига, што и се потврди. Во Радовиш многу фаворити ја „загубија главата“.

Сепак, за овие резултати, покрај добрата игра на фудбалерите и стручниот штаб, поддршката и организацијата од самата управа на клубот, стои еден човек кој се вложи пред се финансиски за овој клуб да биде тоа што е.

Фудбалскиот клуб Детонит Плачковица и Радовиш изразија јавна благодарност за Милош Ненезиќ, човекот кој е претседател на српскиот прволигаш Напредок од Крушевац, генерален директор на Трајал Корпорацијата, еден од директорите на компанијата Детонит во Радовиш и главен спонзор на ФК Детонит Плачковица. Ненезиќ е претседател на Сојузот на работодаачи на Србија и долгогодишен бизнисмен со одлични деловни резултати. Тој е претседател на Собранието на Стопанската комора на Србија и постојан член на Социјално-економскиот совет на Република Србија.

Дефинитивно станува збор за доста успешен бизнисмен кој значително вложува во фудбалот во Србија, но сега веќе и во македонскиот фудбал односно во ФК Детонит Плачковица.

Ненезиќ е човекот кој финансиски го издигна клубот на ниво потребно да се бори со големи клубови.

Градскиот стадион во Радовиш добива и помошен терен кој веќе се финишира и оваа недела телевизија М Нет ексклузивно ќе ви го претстави овој проект на радовишкиот второлигаш, со што значително ќе се подобри инфраструктурата на Градскиот стадион во Радовиш, а во најава се и други проекти околу овој стадион. Овој помошен терен со вештачка трева е донација од компанијата Детонит од Радовиш.

Александар Ванев, М-Нет