Ќе бидат применети ригорозни, но и помалку чудни мерки во текот на отворањето на Олимписките игри во Париз, оваа година. Властите не ѝ оставаат ништо на случајноста, па решија да биде затворен воздушниот простор над Париз шест часа, како дел од големата безбедносна операција во текот на церемонијата на отворањето, кое ќе се одржи на 26 јули, соопштија Министерството за внатрешни работи и главниот оператор на париските аеродроми.

Министерот за внатрешни работи, Жерар Дарманин, најави дека зоната на забранети летови ќе се протега во радиус од 150 километри околу Париз.

Од аеродромот во Париз, „Аугустин де Романет“, изјавија за радио „Франс инфо“ дека сите авиокомпании биле предупредени за затворањето и им било кажано дека ќе мора да летаат околу ограничениот воздушен простор во текот на церемонијата на отворањето.

  • Најмалку еден француски воен авион АВАКС ќе го надгледува небото во текот на Олимпијадата, користејќи го својот моќен радар за следење  потенцијални закани од воздух – изјави командантот на француската ескадрила АВАКС за „Асошиетед прес“.

Може да бидат вклучени и други воени авиони за да ги пресретнат сите неовластени летови што влегуваат во ограничениот воздушен простор.

Церемонијата на отворањето на Олимпијадата во Париз, која за прв пат нема да се одржи на стадион, туку на реката Сена, претставува најтешкиот безбедносен предизвик за организаторите на Игрите во Париз, бидејќи се очекува да присуствуваат околу 320.000 луѓе, како и голем број странски претставници.