Димитар Самарџиев и Бранко Прља, две децении борба за уметноста и екологијата!

Димитар Самарџиев е дипломиран албанолог, писател и дипломиран пермакултурен дизајнер, основач на „Иградина“, член на „Зелената Арка“ и „Бостание“, првата општествена градина. 

Бранко Прља е писател, новинар, графички дизајнер и еко-активист, основач на „Електролит“, „Дај, не фрлај,“ и уредник на неколку портали за уметноста и науката.

Нивните патишта прв пат се имаат вкрстено пред 20 години. Како што ни раскажаа, се имаат запознаено на заедничка промоција на книга едно топло скопско лето, 2003 година. Тогаш во Културниот Центар Точка се одржуваше промоција на едицијата Магма, особено на нивните книги, „За секого по нешто, за некого ништо“ на Бранко Прља, бр.5 во едицијата, и „Зборгија во серајот“ на Шундимитар Сармаџиев, бр. 8. Овие две книги беа први дела на македонски автори во оваа едиција.

Промоција на едицијата Магма во јуни 2003 година

Потоа повторно се имаат „сретнато“ како учесници на групна изложба наречена „Армитаж“ во Точка во 2006 година, каде преку уметноста се бореа против задолжителниот воен рок. Ни раскажаа дека патиштата можеби им се вкрстиле уште неколку пати, особено кога Димитар доаѓаше во Точка, а Бранко работеше таму.

Овие и други настани во Точка можете да ги видите на стариот сајт на Контрапункт и Точка кој пред некое време Арно.мк го има архивирано како дел од напорите за зачувување на сеќавањето на значајни проекти, настани и нешта од нашето (не толку далечно, а сепак веќе заборавено) културно минато.

По подолго време тие двајца почнаа да комуницираат неформално, преку интересот за околината, Бранко преку неговите активистички проекти за екологијата, а Димитар преку неговото „Бостание“, првата јавна заедничка градина во СК/МК „Зелената Арка“, „Иградина“ и други интересни проекти.

Со Димитар и Бранко разговаравме за уметноста, екологијата, културата, општествената одговорност и други корисни нешта.

Едицијата „Магма“

Арно: Што се случуваше со вас во изминативе 20 години од заедничката промоција на вашите деби-изданија?

Д.С. Ако почнам да раскажувам, последниве 20 денови едвај ќе ги збијам во рамките на едно интервју. Еве фигуративно да се изразам, може ќе прозвучи случајно, но ентропијам за да заборавам. Во меѓувреме сум постојано на случилиште. Се обидувам да се случувам од несакани дејства. Чат-пат кодирам булшит-генератори да звучат како Шундимитар – псевдонимот под кој ја објавив првата и досега последна збирка раскази насловена „Зборгија во серајот“.

Просто, не се идентификував доволно со улогата на писател. Можеби не се идентификувам доволно со ниедна улога, но претпоставувам дека таа збрка драскази е првичната причина за ова прашање, ако не и за целото интервју. Како и да е, најточниот и најкусиот можен одговор што успеав да го извлечам од себе во однос на кое и да е можно прашање последниве 20 години, колку и да звучи како плагијат на Сократ, сепак е: „Не знам.“

Б.П: Се трудам постојано да бидам активен на сцената, издавам барем по една книга годишно во последниве 15 години. Некои книги се мои авторски, други се едукативни книгички во кои собирам факти, ги изнесувам на едноставен и хумористичен начин, ги илустрирам и дизајнирам книгичките. Го направив Електролит, првиот електронски конкурс за литература во Македонија, уметничкото здружение Капка, водам портал и агрегаторите за наука и култура science.mk и creative.mk. Особено сум горд на групата „Дај, не фрлај“ која ја негува културата на подарувањето и реупотребувањето, учествувам на еко-акции и истражувам активно на темата.


Арно: Двајцата сте ја започнале уметничката кариера во Културниот Центар Точка. Колку тој простор беше значаен за Скопје и независната уметничка сцена и дали денес постојат такви места?

Д.С. Не се согласувам со тоа дека уметничката кариера ја започнав во Културниот центар Точка, па дури ни терминолошки не би се врамил во некаква си категорија како т.н. уметничка кариера. Мојот случај би го нарекол уметничкосан прекариераат – неизвесна уметнички ничкосана состојба, во која се превираат прекаријат, кариера и раат под притисокот на вниманипулантските концепти како вроботувањето. Што се однесува до точките, тие денес како да не постојат, ми се чини само прашалници останаа и по некоја Буква. Скопје нека си каже колку тој простор му бил значаен, а независната уметничка сцена уште не сум ја сретнал за да ѝ кажам дека не верувам во независност.

Б.П.: За мене Точка го имаше пресудното значење и како човек и како некој заинтересиран за уметноста и културата. Неколку месеци по „фамозната“ промоција (на која се запознавме со Димитар), се вработив во Точка. Кога си постојано во друштво со луѓе на кои уметноста и културата им е лајтмотив во животот таа станува дел од тебе. Кога заминав од културата заради ниските примања таму станав дел од еден свет кој не ми беше својствен – маркетингот. Но, и таму се запознав со многу креативни луѓе кои ја насочуваат својата креативност кон конкретни цели – продавање на производ. Кога културњаците би научиле малку повеќе од „адвертајзинг“ типовите и обратно, светот би бил одлично место! Но, мислам дека младите генерации денес конечно почнаа да ги спојуваат двата света на вистински начин. Да заработиш од културата и да овозможиш развој на истата е вистинската работа.

Сајт на Културниот центар Точка (2002-2010 година)

Арно: Бранко, како еко-активист, што е според тебе значајно да се направи во Македонија на полето на екологијата?

Б.П.: Тешко прашање, Димитар има направено повеќе од мене на полево, бидејќи конкретно и повеќе си ги „валка рацете“ и веројатно има плускавци врз нив. Јас сум повеќе теоретичар, што е комотна позиција, нели. Веројатно секој граѓанин на Македонија, ако е малку самосвесен и совесен, знае кои ни се главните проблеми: загадувањето на воздухот, неконтролиран увоз на штетни супстанци, недоволна контрола на градежништво, погони, фабрики, издувни гасови, отпадни материи… листата е долга.

Мене ме интересира што можам да направам лично, како индивидуа. А тоа е да живеам поскромно, да не создавам отпад, тоа што мора да го селектирам, компостирам, реупотребувам, да трошам суровини кои помалку загадуваат и слично. Сепак, со последните економски предизвици ова навистина станува потешко. Но, можеби тоа треба да ни биде екстра мотивација да се грижиме повеќе.

Арно: Димитар, ти си член на, „Бостание“, „независен земјоделец“ и љубител на природата. Како започна таа приказна и што понатаму?

Д.С.: Уф, три во една приказна! Точно не знам како започна таа приказна, но како и сите други приказни, претпоставувам дека се прикажува при казна. Дали ќе успеам да извлечам при казната некакава поука, исто така не знам. Претпоставувам дека приказната започнува со моите предци и примерите од нивното однесување што ми оставиле впечаток, па сега свесно и/ли несвесно ги реинтерпретирам со своите постапки. 

Како и да е, Бостание е името на општествената градина, што е резултат од изведбата на проектот насловен како „Развој на прва урбана градина во град Скопје“ – финансиран од Град Скопје и спроведен од граѓанската организација „Зелената арка“. Додека се изведуваше проектот, служев како координатор, а сега градинарам на една леа од приближно 14м2 во општествената градина Бостание. Значењето на зборот „урбана“ не беше доволно, па затоа посакувавме да биде заедничка, а конечно испадна општествена, градината што ја именувавме „Бостание“ – хибрид од бостан и востание. 

Како што истакнав во претходниот одговор, не верувам во независност. A не би сакал ни да западнам во земјоделириум, тоа би било опасно и за околината и за мене. Очебијни се несаканите последици од тешката земјоделија последниве неколку илјади години. Се регистрирав како земјоделец затоа што ми се смачи да се пријавувам во заводот за вроботување. А земјата ја купив за да ја искусам сопствеништожноста на своја кожа во обид да одгледувам доволно јадливи растенија, со цел да си го ублажам стравот од глад.

Тој тековен потфат го именував „Иградина“. Иградината е човекосистем што се вкоренува и расте на малку повеќе од 7000 м2, над селото Негорци, покрај Серменинска Река. Иградината е снаоѓалиште за просторители, семенува од зборовите шуми, а рамнотежнее кон виножитните полиња. Иградината е отворена за разновидувања – затолкувања низ слоевите на Хумус сапиенс што се таложат врз почвата. 

Природата според мене не постои, тоа е човечка измислица и како таква може да претставува неизмерен пристор (непостоечки простор што ни се присторува) за недостижна љубов и доживотен копнеж. Што понатаму? – Тоа прашање си го поставувам секојгневно.


Арно: Бранко, ти си дипломиран графички дизајнер, истото прашање и за тебе, колку имаше прилика во животот да работиш според твојата професија?

Б.П.: Мислам дека имав доста среќа да работам во професијата уште пред да дипломирам. Можам да кажам дека сум многу благодарен на графичкиот дизајн што ми овозможува да бидам самостоен во сите проекти кои ги правам. На пример моите книги и проекти не само што ги осмислувам, туку ги дизајнирам и ги обликувам графички. Тоа за мене е голема благодет, бидејќи сакам да бидам дел од процесот од почеток до крај.

Некои од книгичките ги имам печатено самостојно, а имам и правено хартија, работено во печатница, ги знам печатарските техники, коричење книги и слично. Го сакам мирисот на книгите, новите и старите, допирот на текстурата на хартијата под прстите, менувањето на бојата на хартијата со годините, ги сакам сите и секакви книги. За жал, со новите случувања во светот и со развојот на технологијата, печатените изданија се под закана да станат минато.

Арно: Димитар, ти дипломираше на албански јазик (ако не грешам), колку имаше прилика во животот да работиш според твојата професија?

Д.С.: Да, на дипломата од филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ми пишува дека сум завршил албански јазик и книжевност, со британски културолошки студии. Но албанскиот јазик не е професија, туку предемет на изучување и истражување, јазикот како и со секој сложен концепт заснован на консензус, е незгоден поим за дефиниција. И албанскиот јазик најчесто се дефинира како систем од знаци, кои служат за комуникација.

Што се однесува до книжевноста, до сега напишав и по некој кус расказ на албански јазик. Можности за работа како преведувач имаше и уште има, секако тоа зависи и од личните заложби да се остварат можностите, од понудата и побарувачката на пазарот, па и од развојот на алатки за машински превод како гугл-преведувачот. Британската култура нема гајле, иако им умре кралицата ми се чини дека одоколу, со многу посредници уште влече значителен дел од конците на светската културна сцена, така што може да преживее и покрај мојот скромен придонес што се сведува на нејзиното препознавање и реинтерпретација на рутинско, речиси несвесно ниво.

Како и да е, не сметам дека една диплома дефинира нечија професија. Всушност имам повеќе дипломи од разни области, но сè уште како да не ми е утврдена професијата, изгледа професионализмот како идеологија не ми лежи баш, цело време нешто мрда, не го држи место, се труди да остави впечаток на работливост, доследност, се обидува да убеди некого во нешто, напорно е да се игра таа улога. Инаку за да биде професиронијата посериозна, Терџуман (тур. толкувач) е насловот на романот, што сметам дека ми е најлошиот превод на роман досега. 

Градинарењето на Димитар (лево) и Александар (десно) од Зелената Арка во општествената градина Бостание

Арно: Димитар, член си на „Зелената арка“, зошто баш тоа име и која е мисијата?

Д.С.: Да, член сум на „Зелената арка“, а граѓанската организација е именувана така од основачите, во чест на музичарот Ли Скреч Пери, кој си го именувал музичкото студио „Црната арка“. Барем така ми кажаа основачите на граѓанската организација „Зелената арка“. А мисијата на „Зелената арка“ е: Oпштествени промени кон градење обновливи и холистички врски меѓу луѓето и природата. Пристапот на „Зелената арка“ за предизвикување на општествените промени во погореспоменатата насока, е преку примената на пермакултурниот дизајн во секојдневниот живот, со цел да се развиваат функционални агроекосистеми од полза за локалните заедници.

Арно: Бранко, ти си основач на „Дај, не фрлај“ која е нејзината улога во нашето општество?

Б.П.: Мислам дека „Дај, не фрлај“ има доста значајна улога, пред се еколошка, да се продолжи векот на предметите, да се обноват и да најдат нов живот. Групата има и идеолошка основа, а тоа е анти-консумеризам. Исто така, кога ја отворивме групата потенциравме дека една од нејзините мисии е „градењето доверба.“ Цврсто верувам дека тоа е нешто што можеби најмногу ни недостига, да веруваме едни на други, да заборавиме на партиите, ситните злоби, оговарањата и мислењето дека комшијата сака да ни наштети. Сите сме заедно тука на еден мал и ограничен простор кој може да биде многу убав ако си го чуваме и негуваме.


Арно: Колку се граѓаните во СК/МК ангажирани еколошки, колку се грижат за околината, ќе не биде ли?

Д.С.: Не знам како да го измерам степенот на еколошката ангажираност на граѓаните, така што не можам да одговорам квантитативно, а предвидувања во однос на иднината не би се осмелил да правам ни да имав впечаток дека сум способен егзактно да одговорам на првиот дел од ова прашање. Квалитетот на бидувањето зависи од безброј непредвидливи фактори во однос на вкусот на оние што бидуваат.

Без оглед на интензитетот на грижата и/ли загриженоста за околината и/ли личниот опстанок и/ли опстанокот на другите (видови), сите живееме во безброј повратни спреги, како да ја предвидиме неизвеснота? Ако не ги биде граѓаните, може ќе ги биде селаните, кој знае? Зошто да го ограничуваме вниманието само на граѓаните во Скопје и/ли Македонска каменица, луѓе живеат и во населени места без регистарски таблички, па дури некои не возат ни автомобили. На крајот на краиштата, големо чудо ако пропадне и глобално доминантнава потрошувачка цивилизација, тоа може да биде почетокот на поубав човекосистем. A чат-пат, се наоѓа и по некој што не ни верува во иднината како концепт.

Б.П.: Во последниве години се гради една ваква свест. Како основач и член на повеќе еколошки групи гледам дека луѓето се повеќе знаат, повеќе се грижат, стануваат совесни и одговорни. Групите како „Не биди ѓубре“ тука имаат огромна улога како амбасадори на тие идеи. Сепак бројката на неодговорните индивидуи и бизниси, кои од мрзливост и став „што ми е гајле некој друг ќе исчисти“ (идивидуи) или од желба за брз профит (бизниси) ја уништуваат околината. При тоа не размислуваат дека и нивните деца живеат на истиот простор. Тоа е жално, навистина.

„Дај, не фрлај“ е група основана од Бранко за подарување, за реупотреба и против консумеризам (книгичка тука)

Арно: Дали се уште се занимавате со уметноста и колкаво/какво место зазема таа во вашите животи?

Д.С. Шуметноста е концептуалниот меур, во кој живеам и преку кој комуницирам со околината, внатре можам да изигрувам шуметник и егзистенцијалните предизвици да ги дотолкувам низ шуметнички филтри, шуметничкиот меур е обложен со дебел слој составен од комуникациски шум и дилетантизам како заштитна полупропустлива мембрана, нешто како салото што му недостасува на моето тело, а ми е неопходно за да не смрзнам од фригидноста на Капиталоценот.

Шуметноста ми е нужна протеза за да преживеам! Сепак, последниот шуметнички испад – ако не го сметаме ова интервју за своевиден шуметнички израз – ми се испушти во декември 2019 година на настанот „Под земја полесно се дише!“, каде што беше поканета „Зелената арка“ да учествува како колектив. Со изведбата на делото насловено „Хумус сапиенс“ во подземните гаражи, каде што се одржа заедничката уметничка изложба, започна ерата на компостхуманизмот – парадигма што го заменува веќе надминатиот концепт на постхуманизмот и неговите очајни обиди да се ребрендира како трансхуманизам или долгорочнизам (анг. longtermism).

Просто кажано, Александар и Александар ме компостираа два часа во една најлонска вреќа, по што се преобразив во следниот човекосистемски еволутивен облик произлезен од инокулацијата на една човечка единка со микроорганизмите што живеат во хумусниот слој од почвата, па како нов животински вид се именував на латиски Humus sapiens. А понекогаш, мора да признаам, за тековни шуметнички дела од колективно партиципативен вид си ги сметам и „Иградина“ и „Бостание“.

Б.П.: Секојдневно! Не само што се занимавам, туку активно учествувам и се обидувам да ги поттикнам другите што повеќе да се занимаваат со уметноста, културата и други убави нешта. Цврсто верувам дека уметноста може да го смени светот. Се разбира без науката и технологијата нема напредок, но не смееме да ја заборавиме улогата на креативноста, идеите и слободоумноста како основа за истиот.

Без идеите живееме во еден механички свет, воден од желбата за профит која не се грижи за негативните последици кои ги остава зад себе. Загадувањето е голем проблем и последица на тие активности и ова особено го чувствуваат земјите во (вечен!) развој како нашата. Тоа е нешто што треба да не загрижува, како и прашањето на значењето на уметноста во светот и дома. Кај нас на уметноста се гледа како на нешто за подбив, кое дете во градинка на прашањето што сакаш да бидеш вели „уметник“!?

Но, луѓето кои имаат материјалистички гледишта забораваат дека едни од најценетите објекти во историјата се токму уметничките дела кои по аукции се продаваат за стотици милиони долари, а во секој град има многу музеи во кои уметничките дела се чуваат како најголема вредност. Секој кој се обидува да ја дискредитира уметноста не ги разбира длабоките, праисконски човекови нагони кои датираат од пред милениуми и од првите пештерски слики.

Фотографии од првата средба за меѓусебно запознавање на идните градинари во општествената градина Бостание

Арно: Димитар, ти си дипломиран пермакултурен дизајнер? Што е пермакултура, каква е таа диплома, што си научил во твоето образование и како го применуваш тоа? Дали во твоите активности се консултираш со стручњаци и професионалци или сметаш дека денес со помош на интернет секој може да научи се?

Д.С. Секако дека би се консултирал со стручњаци и професионалци, ако можам финансиски да си ги дозволам нивните услуги. На интернет има најразлични обуки, стручна литература, прирачници, упатства, некои бесплатни, некои се плаќаат. Сепак, со чија и да е помош или без каква и да е помош, не може секој да научи сè, поскоро ми се чини дека малкумина можат да научат само по нешто ситно.

Пред сè поради ограниченоста на човечкиот вид да согледува со својата ошумоглавена перцепција, па врз основа на тие таподатоци што едвам ги собира, да расудува што е што. Згора на тоа ми се чини дека учењето е креативен процес што нужно бара повеќе уче(с)ници, најмалку двајца, за да го создаваат знаењето во заемен сооднос и грижливо да го одржуваат и развиваат меѓу себе. Ми се чини дека односот меѓу учениците и учителите е најплодоносен кога е наизменичен, преобразовен, соучеснички. Оттука учењето од интернет за вакви староумни како мене е потешко од учењето со жив соуче(с)ник. 

Да, имам и диплома за пермакултурен дизајн издадена од Хрватскиот институт за пермакултура во 2013 година, откако ја „одбранив“ дипломската работа за време на втората национална конвергенција за пермакултура во Хрватска, пред околу педесетина учесници, кои по моето излагање се изјаснија дали ја заслужувам дипломата. Пермакултурниот дизајн е мултидисциплинарен пристап што се применува за осмислување и изведба на функционални агроекосистеми од полза за луѓето, но со што е можно помал еколошки отпечаток при одвивањето на системските процеси во него.

Сепак станува збор за неформално образование, без научна акредитација, таа диплома најверојатно нема да ми ја признаат ако сакам да се запишам на магистерски студии, иако еднаш ми понудија да се запишам директно на докторски студии во Центарот за агроекологија, вода и жилавост (анг. Centre for Agroecology, Water and Resilience) на универзитетот во Ковентри, Британија. Тука не си го завршив магистерскиот труд на време, кога студирав на отсекот за Комуникации при Институтот за политичко правни истражувања, некако какадемските води застоени ми делуваат за пливање. 

Арно: Бранко, ти немаш формално образование од областа на екологијата, од каде интересот за истата?

Б.П.: Од истата причина како и кај сите други самосвесни наши граѓани. Мислам дека сите имаме одговорност да реагираме на она што го забележуваме, а што е штетно за околината и за нас. Никој не би сакал да почнат да ни се разболуваат децата од последиците на загадувањето и затоа мораме да направиме многу и сите заедно да се ангажираме тоа да не биде така. Мислам дека без екологијата нема напред и дека тоа треба да биде првата грижа на секоја држава која сака да им обезбеди квалитетен живот на граѓаните.

Мораме да ги учиме децата да имаат допир со природата, да научат не само што е селектирање и рециклирање, туку првенствено што е реупотреба и намалена употреба. Да ги научиме да бидат скромни и да ги почитуваат вистинските вредности, инаку без тоа немаме иднина. За жал кај нас нема силна еколошка партија, а со случувањата во светот и околу нас веројатно е дека екологијата ќе биде ставена на последно место. Видете го проблемот со дрвата, пелетите, енергенсите, сето тоа не води во добра насока. Но, тоа не значи дека како граѓани треба да бидеме несовесни.

Книгите на Бранко кои можете да ги читате тука.

Арно: Бранко, игрите со зборови се битни за твоите проекти и дела, можеш ли да ни кажеш нешто во врска со тоа? Бидејќи јазикот е актуелна тема денес, секако треба да го сочуваме, но колку е битно да го надоградуваме?

Б.П.: Се разбира, уште од моите први дела, игрите со зборови беа значајни за мене. Пораснат сум во „школата“ на Точка и Коља, и се разбира дека ги сакав Тристан Цара и другите дадаисти, маниристи, како и руската алтернативна проза предводена со Данил Хармс на кои игривоста во раскажувањето им била главна црта. Оттаму и игривоста во мојот пристап не само кон јазикот, туку и кон уметноста. Моите дела се интердисциплинарни, експериментални и честопати не се само „литературни“. Затоа и не сакам да се нарекувам „писател,“ повеќе го претпочитам терминот „збороистражувач“.

Јазикот и идентитетот е актуелна тема. Кога излезе преводот на мојата книга „Апокалипса.мк“ во Украина инсистирав на терминот „Македонија“ без додавки. Секаде во странство сум ја застапувал нашата земја и сум се претставувал како македонски писател, иако моето презиме е премногу чудно за оваа средина. Но, Македонија отсекогаш била космополитска земја и ги прифаќала различностите. Ние сме најмирољубивиот народ на Балканот и пошироко и токму затоа имаме долга традиција на прифаќање на другите народи. Најголемата Ромска заедница е кај нас, Македонија единствената држава каде што Влашкиот јазик е признаен како еден од јазиците на малцинствата, Албанците се сосема интегрирани во општеството како рамноправни со македонците итн. Во Македонија секој треба да се бори за македонскиот јазик и да го чувствува како свој, токму зашто има слобода да живее како што сака и да ја негува својата култура и јазик. Тоа е мое мислење.

Арно: Димитар, „Иградина“, „Бостание“ и други проекти се твоите креативни наслови на интересни општествено ангажирани проекти, од каде желбата за поигрување со јазикот. Бидејќи јазикот е актуелна тема денес, секако треба да го сочуваме, но колку е битно да го надоградуваме?

Д.С.: „Јазикот е вирус“! Така чув од Лори Андерсон пред дваесетина години, а таа да ми ти го цитирала концептот на Вилијам С. Бароуз. Јазикот општо гледано, како појава, ми делува дека е сеприсутен, не само меѓу луѓето, па затоа се заинтересирав пред десетина години за биосемиотиката. Јазикот е оперативен систем, со интерфејс и сите останати функционалности за спроведување, одржување и развој на масовната културна халуцинација, попозната меѓу народот како реалност.

Си поигрувам со јазикот за малку да ѕирнам надвор од концептрациониот логор. Прашањето погоре, ако се однесува токму на македонскиот јазик (како актуелна тема денес), тогаш ми се чини дека станува збор за говор на омраза. Сите говорители на македонскиот јазик како да шират омраза! Или барем така им звучи на тие што не сакаат веќе да чујат ни збор изговорен на македонски јазик.

Прашањето е поставено во прво лице множина, па некој/а може да забележи дека таквиот начин на обраќање во завиен облик им препорачува на останатите што да прават и како да се однесуваат под плаштот на заменката „Ние“. Затоа ќе се изразам во прво лице еднина, да не се почувствува некој/а загрозен/а од тоа дека постојам во рамките на македонскиот јазик, со повремени обиди да се пројавам на албански и англиски јазик.

Оттука за мене е од егзистенцијална важност не само да го негувам, туку и да го развивам македонскиот јазик. Затоа измислувам нови зборови на македонски јазик. Секако тоа се смета за мој личен шуметнички израз, но забележувам дека начините на зборообразување што ги употребувам веќе со години ги применуваат и други, што многу ме радува. Свесен сум дека така се предизвикува определен притисок врз лексичката норма, но растежот и развојот подразбираат повремено напукнување на корупкатата на стандардниот јазик.

Сепак создавањето нови зборови не ми е прифатливо по секоја цена. Иако „печатната грешка“ често ја употребувам како значин за очудување на постоечките зборови, со цел да проткаам дополнителни значења и толкувања, сепак се воздржувам од игра со зборови засновани на србизми, што на големо ги употребуваат други досетливи играчи со зборови, под изговор дека таа постапка е својствена на скопскиот сленг. Сметам дека македонскиот јазик е најмногу загрозен од негрижата на соодветните институции за неговото зачувување и развој, а згора на тоа и прифаќањето на полуписменоста меѓу јавните личности како нешто вообичаено.

Знамето на Бостание

Арно: За крај, ако сме пропуштиле нешто допишете, ако не тогаш еве прашање: „Кога би имале неограничени „илонмасковски“ средства, за што би ги искористиле?“

Б.П.: Прашањето е невозможно за одговарање, но ќе се обидам. Секој кој незаслужено добил многу финансии тоа му го упропастило животот, познат е случајот со многу добитници на среќа. Но, кога би бил мудар да ги искористам добро, тогаш би отворил многу културни центри за развој на уметноста и креативноста, би им ги подарил на сите креативни луѓе кои сакаат да работат, а се што би барал за возврат е да бидат продуктивни и да го пренесуваат нивното знаење.

Би изградил мини-градови надвор од Скопје и би ја засновал архитектурата на принципот на симбиоза со околината. Би ја децентрализирал Македонија и би им го вратил достоинството на земјоделците и уметниците, како и на сите оние кои создаваат нешто, и би ја намалил армијата препродавачи. И, да не заборавам, би изградил прва научна опсерваторија во Македонија!

Д.С. Има една Шкотска поговорка што гласи: „Кога желбите би биле коњи, питачите би јавале.“ Зависно од говорното подрачје, понекогаш на поговоркава ѝ додаваат уште една троа вулгарна реченица: „Кога лајната би биле бисквити, тие би се прејале до смрт.“

Би се обидел да одбегнувам да одговарам на „Кога би…“ прашања, без оглед на средствата што би ми биле достапни и способноста да ги искористам за нешто. Вообичаено делувам во рамките на средствата што ми се на располгање, колку и да делуваат скромно, па некогаш и недоволно. Секако и Илон Маск има ограничени средства, не знам зошто му придавате божемствено значење на тој лик со прашањево, во која агенда сакате да ги врамите моите одговори со ова интервју? Несомнено пропуштате многу, но интервјуто не е ни предвидено да ги постави сите можни прашања, а за допишување тука сум и друг пат.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *