Свет
ЕУ воведе нови санкции за Иран
Лидерите на Европската унија вчера одлучија да ги зголемат санкциите против Техеран додека светските сили се обидуваат да спречат поширок конфликт на Блискиот Исток откако Иран го нападна Израел со беспилотни летала и проектили.
Самитот во Брисел е првиот состанок на 27-те лидери на ЕУ по нападот во саботата, кој се случи повеќе од шест месеци по избувнувањето на војната меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, поддржана од Иран.
Израел посочи дека ќе возврати, но не кажа како. Европските лидери го осудија иранскиот напад, ја потврдија својата посветеност на безбедноста на Израел и ги повикаа сите страни да спречат понатамошна ескалација на тензиите.
„Сметаме дека е многу важно да се направи се за да се изолира Иран“, рече лидерот на самитот и претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел, додавајќи дека новите санкции против Иран ќе се однесуваат на компаниите кои се занимаваат со производство на дронови и ракети.
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека е важно Израел „да не одговори со огромен напад“. Исто така, во пресрет на состанокот на шефовите на дипломатиите на членките на Г7, Италија изрази позитивно мислење за санкциите против производителите на оружје поврзани со нападот врз Израел, како и одговорните за нападите врз бродовите во Црвено море.
Иран го почна својот напад како одговор на нападот на 1 април врз неговата амбасада во Дамаск, Сирија, за кој го обвини Израел. Тел Авив ја започна својата поширока воена офанзива во Газа по смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Европската унија веќе воведе повеќекратни санкции против Иран поради кршење на човековите права, ширење на оружје за масовно уништување и поддршка на Техеран за руската војна во Украина.
Германија, Франција и неколку други членки на ЕУ го разгледуваат планот за продолжување на постојните санкции, чија цел е да се намали бројот на беспилотни летала што Иран ги испорачува на Русија, со вклучување на проектили, како и испорака на оружје за проиранските групи на Блискиот Исток.
Аналитичарите велат дека Иран најверојатно нема да се соочи со посериозни економски санкции поради загриженоста дека цената на нафтата може да се зголеми и да ја налути Кина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Објавена фотографија од мајката која беше убиена во Тузла заедно со нејзините деца, осомничен е таткото кој си пресудил
Колегите се збогуваат со Амела Чичкошиќ, која вчера беше убиена во стан во Тузла со двете деца. Се сомнева дека сопругот пред два дена во семејниот стан ги убил Амела и децата, а потоа се самоубил скокајќи од 14 кат од зградата.
Еден ден по откривањето на телата на Амела и децата, колегите и пријателите се збогуваат со жената која ја опишаа „како убава, со црни, бистри очи“.
За неа имаат само пофални зборови и благодарност за сè што направила, особено во тешките моменти на короната.
„Тузла, УКЦ и сите што ве познаваа изгубија многу. Многу сум тажен и барем вака сакам да ви оддадам почит. Бевте доблесен, вреден, сериозен, доверлив, хуман човек. Еден од најдобрите што ги знам. Ковид ги покажа вистинските лица на многумина од нас. Можеби не си добила формална благодарност, но ти благодарам во мое име и многуте животи што ги спасивме заедно во тешките денови“ напиша една од колегите на Амелија од Универзитетот во Тузла.
„Голема тага, голема болка. Искрено сочувство до семејството. Алах нека ги благослови неа и нејзините деца“, рекоа тие.
Телата на Амела и нејзините деца се пронајдени во населбата Тузла. Децата беа на девет и две години. Издадени се наредби за обдукција и ДНК вештачење за да се утврдат сите околности на ова злосторство.
Свет
Бербок: Ако не го сакаме Путин на нашите граници, мораме да ги здружиме силите за победата на Украина
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок за време на ненајавената посета на Киев изјави дека е потребна поголема меѓународна поддршка за воздушната одбрана на земјата како резултат на руската офанзива.
„Сега мораме да ги здружиме сите наши сили за да може Украина да преживее и трупите на Путин наскоро да не се најдат на нашите граници“, апелираше Бербок до меѓународните партнерски земји.
Глобалната иницијатива за поголема воздушна одбрана, која таа ја започна заедно со министерот за одбрана Борис Писториус (СПД), собра речиси 1 милијарда евра за да обезбеди дополнителна поддршка на силите за воздушна одбрана на Украина.
Бербок изјави и дека идното членство на Украина во Европската унија е „неопходна геополитичка последица на нелегалната агресивна војна на Русија, која го прекршува меѓународното право“. Министерката планираше да го посети Харков денеска, но патувањето беше откажано поради безбедносни причини, пишува АП повикувајќи се на агенцијата dpa.
Свет
Франција го поддржува Хаг во повикот за налог за апсење на Нетанјаху
Министерството за надворешни работи на Франција соопшти дека ја поддржува независноста на Меѓународниот кривичен суд и неговата „борба против неказнивоста“, во врска за издавање налози за апсење на лидерите на Израел и Хамас.
„Франција го поддржува Меѓународниот кривичен суд, неговата независност и борбата против неказнивоста во сите ситуации“, се вели во соопштението објавено во понеделникот, пренесува Ројтерс.
Додадена е осуда на „антисемитските масакри“ од страна на милитантната група Хамас на 7 октомври, како и можните прекршувања на меѓународното право од страна на израелската армија во Газа.
„Што се однесува до Израел, Советот за претходна постапка ќе одлучи дали ќе ги издаде тие налози, откако ќе ги испита доказите доставени од обвинителот“, се вели во соопштението.
Главниот обвинител на МКС, Карим Кан, во понеделникот побара издавање налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант за „поттикнување глад како метод на војна, вклучително и задржување на хуманитарна помош и намерно таргетирање на цивили во конфликтот“.
Побарани се и налози за апсење на лидерите на Хамас – Јахја Синвар, Мохамед Деиф и Исмаил Ханије за убиство, земање заложници, силување и сексуални напади.
Кабинетот на претседателот на Јужна Африка ја поздрави најавата на обвинителот на МКС дека ќе бара налози за апсење на израелскиот премиер, министерот за одбрана и тројца лидери на Хамас за наводни воени злосторства.
„Законот мора да се применува подеднакво за сите со цел да се поддржи меѓународното владеење на правото и да се повикаат на одговорност оние кои вршат грозоморни злосторства и ги штитат правата на жртвите“, се вели во соопштението од кабинетот на јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, пренесе Ројтерс.