🎥 Што ќе се случи доколку паднете во црна дупка?

од Milan1

Како и секој друг објект којшто ќе влезе во црната дупка и човекот би бил насилно развлечен како шпагета во процесот којшто астрофизичарите го нарекуваат „шпагетизирање“.

Неверојатната анимација на НАСА прикажува што човекот би видел во последните моменти доколку би се нашол во таква ситуација, пренесува „Дејл Мајл“.

Видеото настанало со помош на суперкомпјутерот на НАСА  во центарот за климатски симулации.

Видеото започнува со приближување на камерата во празнината, се појавува портокалов жежок диск на гас којшто кружи околу црната дупка и е нејзин главен извор на светлина.

Дискот создава материјал којшто емитува енергија додека тоне во црната дупка, без оглед на тоа дали станува збор за гас, прашина или материјал.

Исто така може да се види и потенка фотонска сфера, потенок прстен на светлина којшто се формира поблиску во хоризонтот на црната дупка. Поимот хоризонт на настани е точката на која ниту светлината не може да ѝ побегне.

Хоризонтот настан на симулираната црна дупка се протега на околу 25 милиони километри, односно на околу 17 отсто оддалеченост од Земјата до Сонцето. После објавата на видеото, корисниците на социјалните мрежи истото го опишале како „импресивно“.

Хавиер Калмет, професор по физика на Универзитетот во Сасекс изјавил дека гравитациската сила на црната дупка би станала толку силна што би се доживеало „шпагетизација“.

„Телото би се развлекло во облик сличен на тестенините сѐ додека гравитациската сила не би го распарчила“, изјавил Калмет.

Тој додал дека искуството сигурно не би било удобно, меѓутоа од друга страна прилично брзо би се случило, па болката не би траела долго.

Д-р Давид Л. Клементс, виш предавач на одделението за физика во Лондон, изјавил дека шансите Земјата некогаш да биде проголтана од црна дупка се речиси еднакви на нула.

„Фактот дека сѐ уште сме тука покажува дека ова не се случило во текот на целата историја на Земјата. Значи, шансите се помали од една во 4,5 милијарди години, а веројатно и многу помали“, заклучил тој.

Слични содржини