Силјановска-Давкова: Почеток на ново време – тоа што ќе го ветам, ќе го остварам на мој начин

од Nikola Popovski

Горда сум на граѓаните, не само на оние кои гласаа за мене, особено сум горда на членовите на ВМРО-ДПМНЕ заради поддршката. Горда сум на мојот тим и на учесниците во изборната трка. Сите знаеме дека изборниот процес е најстраствениот политички процес, изјави вечерва кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на државата, Гордана Силјановска-Давкова.

Од партискиот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, таа порача дека жените се нејзина инспирација и многу се радува што и жени од други партии ѝ велат дека доаѓа нивното време.

-Зарем е можно толку многу луѓе можат вака да реагираат? Она што ќе го ветам, ќе го остварам на мој начин од првиот ден. Ова е крајот на првиот круг, доаѓа вториот круг. Ќе се однесувам со должна почит кон противникот. Не треба да фрлиме сенка на ова што се случуваше денеска. Треба да ги увериме граѓаните дека вреди да се учествува на избори и дека сум горда на граѓаните. Без граѓаните нема горда Македонија, кажа претседателската кандидатка која води речиси со двојна предност пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.

Според неа, Македонија мора да биде едно посакувано пристојно место за било каков натпревар.

-Македонија мора да биде твоја, моја, наша. Бројките и ми значат, но и не ми значат ништо. Ова е почеток на ново време. Мислам дека ја научивме лекцијата и мораме да се однесуваме на поинаков начин, кажа Силјановска-Давкова.

Слични содржини