Апсолутно заслужено за сè што направи во 2023 година, српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ (37) по петти пат во кариерата ја доби наградата „Лауреус“, за најдобар спортист на светот. Иако е во поодминати години како тенисер, тој доминираше во новата генерација играчи, така што во претходната сезона освои три грен-слем титули, а на четвртиот грен-слем играше финале, па немаше дилема дека ќе победи во жестока конкуренција на Макс Верстапен, Лионел Меси, Ерлинг Халанд, Арманд Дуплантис, Ноа Лајлс…

Трофејот му беше врачен од најдобриот американски фудбалер на сите времиња, Том Брејди. Ѓоковиќ, меѓу другото, во својот говор им се обрати на Рафаел Надал и на Карлос Алкараз, дека сè уште останува во тенисот и нема намера да се пензионира, барем не во наредниот период.

  • Мојата најважна цел оваа година е златниот медал на Олимписките игри во Париз. Верувам дека е можно, да не верував, не би ни играл. Секогаш треба да верувате дека сè е можно во животот. Кој знае дали повторно ќе имам такво нешто, сакам да учествувам и на Игрите во Лос Анџелес во 2028 година, но никогаш не се знае што ќе се случи – гласеше пораката на Ѓоковиќ од Мадрид, која ја пренесоа сите светски медиуми.

Тој потоа додаде дека спортот ги обединува сите.

  • Спортот е универзален јазик, кој нè обединува сите. Неверојатни тенисери има тука со нас: Рафа (Надал), Карлос (Алкараз), Гарбиње (Мугуруза), Мартина (Навратилова), неверојатни луѓе што ја напишаа историјата на овој спорт. Ние сме спортисти во индивидуални спортови, но мислам дека сите ќе се согласиме дека секој успех им го должиме на нашите семејства, на нашите тимови. Јас – членовите на моето семејство, моите браќа, мојата сопруга и му должам голема благодарност на мојот тим за исклучително успешната 2023 година. Ќе има уште многу успеси – истакна Новак Ѓоковиќ, кој беше награден со громогласен аплауз.