Крај на европската авантура за Милан и за Ливерпул, машинеријата на Чаби Алонсо оди кон нов трофеј (Видео)

Двата најголеми фаворити кои ги сметаа за сигурни полуфиналисти, Милан и Ливерпул, се елиминирани во четвртфиналето во Лигата на Европа.

Милан е елиминиран во двомечот со ривалот од Серија А, Рома, додека подобар од Ливерпул беше уште еден италијански тим, Аталанта.

Рома пред вечерашниот реванш-натпревар со Милан имаше предност од 1:0 од првиот дуел, а по првото полувреме ги реши сите дилеми околу пласманот во полуфиналето. Римската волчица во 12-тата минута преку Манчини го отвори резултатот, а десет минути подоцна Пауло Дибала зголеми на 2:0.

Во првиот дел, Рома остана со играч помалку по исклучувањето на Челик, но Милан не успеа да направи пресврт, туку постигна само еден гол, и тоа во последните моменти од мечот. Стрелец на голот за Милан беше Габија.

Дополнителна причина за радост на навивачите на Рома покрај елиминацијата на големиот ривал, е и веста дека тренерот и поранешен капитен на Волчицата, Даниеле де Роси, потпиша едногодишен договор и екипата ќе ја води и следната сезона.

Настапот во Европа заврши и за Ливерпул, кој по поразот на „Енфилд“ од 0:3 во првиот дел, вечерва во Бергамо ја совлада Аталанта со минимални 1:0, што беше недоволно за пласман во полуфиналето.

Пласман во полуфиналето обезбеди и новиот германски шампион Баер Леверкузен, кој одигра 1:1 на гостувањето кај Вест хем и со вкупни 3:1 се најде меѓу четирите најдобри во Лигата на Европа.

Во полуфиналето Баер Леверкузен ќе игра со Рома.

Олимпик Марсеј благодарение на голот на Мумбања, со 1:0 ја совлада Бенфика и обезбеди продолженија од двапати по 15 минути бидејќи на првиот меч беше 2:1 за португалскиот тим.

- Оглас -

Најнови вести