Словенија го обвини Вучиќ за дипломатски скандал во Њујорк

од Nikola Popovski

Српскиот претседател Александар Вучиќ во изјава на маргините на седницата на Советот за безбедност на ОН употреби крајно навредливи изрази кои не им припаѓаат на претседателите на државите, а уште помалку на пријателските односи меѓу словенечкиот и српскиот народ, соопштил словенечкиот премиер Роберт Голоб.

„Зборовите потсетуваат на некое друго време и се недостојни за достигнатото ниво на односи меѓу двете земји. – Словенија ја извршува својата работа во Генералното собрание на ОН и искрено се залага за мир и помирување меѓу народите, што е најмалку што можеме да очекуваме од претседателот на пријателска Србија, кој инаку е редовен гостин во нашата земја“, наведуваат од Кабинетот на Голоб.

Министерството за надворешни работи на Словенија го повикало на разговор во српската амбасада во Љубљана тамошниот вршител на должноста.

Причина се изјавите на Александар Вучиќ против Словенија по седницата на Советот за безбедност на ОН за Косово.

Министерката за надворешни и европски работи на Словенија, Тања Фајон, зборовите на српскиот претседател Александар Вучиќ ги нарекла „навредливи и неприфатливи“, поради што решиле да го повикаат на разговор српскиот амбасадор.

„Бараме објаснување, извинување, тоа не е во духот на добрососедските и пријателски односи“, посочила словенечката министерка.

Како што додала, не замислува добра соработка доколку некој излезе со вакви навредливи зборови и ја навредува целата нација.

„Очекуваме Србија да дејствува во духот на европските вредности што ги брани“, порачала Фајон.

Вучиќ во вторникот изјавил дека Србија паднала во замка што ѝ ја поставиле САД, Швајцарија и Словенија.

„Кога се одложи седницата на Советот за безбедност, се прашував за што се работи, но потоа сфативме дека за тоа се договориле со Американците, Словенците и Швајцарците. Не се знае кој е поодвратен, Словенците или некој друг“, изјави Вучиќ.

Слични содржини