Театарската претстава „Госпоѓа Министерка” од Бранислав Нушиќ, во режија на Благој Мицевски премиерно ќе биде изведена во НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид / Народен Театар Охрид утре со почеток во 20 часот.

Режисерот Благој Мицевски на денешната прес конференција истакна дека интересно е што претставата се игра во период многу интересен за нашето општество во перидов на изборниот процес.

Период кога многу луѓе се надеваат, сакаат да станат нови министри, претседатели и пратеници. Тоа е и една од главните теми со кои се бави овој текст. Во претставата имаме вертикално растегање на личноста, односно како една жена си помислува дека животот може да и се промени од корен преку ноќ со тоа што нејзиниот сопруг ќе стане министер, а следствено на тоа таа госпоѓа министерка. Такви луѓе имаме многу околу нас кои веруваат дека тоа може да им се случи. Тоа се луѓе кои се спремни да направат се да дојдат до таа позиција, но и да останат на истата. Пораката на претставата која и Нушиќ ја пренесува е дека Госпоѓа Министерка не е професија, туку определена функција која некој ја извршува и најдобро би било тоа да го прави за потребите на граѓаните, вели Мицевски.

Во претставата играат Биљана Билаловиќ Вељаноска, Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Павел Маслов, Ивица Цонев и Филип Кипровски.

Министерката Живка Поповиќ ја игра актерката Билаловиќ Вељаноска која вели дека станува збор за очајна домаќинка на која и се укажува прилика да стане министерка бидејќи нејзиниот маж е министер.

Со ова се губи секаков контакт со реалноста, таа трка нејзина по власт и надмоќ стануваат толку апсурдни од кои произлегува и комедијата во ова дело. На крај оваа позиција се покажува превисока за нејзе и избиваат такви скандали, поради кои и владата паѓа. Во трката да биде послична со претходните министерки го уништува и својот живот и на најблиската фамилија. Не е злонамерно, туку сето тоа е од болна амбиција, додава актерката.

Актерот Павел Маслов истака дека посебно му е драго дека работат текст кој и ден денес е актуелен и ќе биде безвременски.

Досега публикатата била навикната на една поразлична постановка на овој текст. Истиот е напишан во рамките на класичната драматургија. Ние го задржавме развојот на дејствието, меѓутоа имаме еден многу посовремен пристап во сценското дејство, во целата визуелна приказна на претставата што мислам ќе даде еден поразличен печат на оваа наша претстава, додаде Маслов.

Актерот Филип Кипровски искоментира дека настрана од процесот и тоа што вечер и утре ќе биде презентирано, за жал дневно политичката и социјалната ситуација во нашата држава е донесена на едно апсурдно ниво.

Овде можевме да извојуваме голема победа со изборот на нашиот текст и се надевам со нашата работа. Претпоставувам дека публиката ќе има што да види, денес, утре и уште неколку пати во текот на наредниот месец, рече Кипровски.

Предпремиерата на претставата е закажа за денес во 20 часот, додека премиерата е утре.

Карти се во продажба на билетарата на Центарот за култура по цена од 250 денари.

Н.С.Ј.

Видео. Б.Стојаноски