Одговарајќи на прашање во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител дали и меѓународната заедница ги разбира и прифаќа аргументите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, пратеникот во германскиот Бундестаг вели дека според него она што треба да го направи ВМРО-ДПМНЕ е да воспостави кредибилитет дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат влада
Знам со сигурност дека ВМРО-ДПМНЕ сака да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, а тоа е поради процедурите за негова промена, но, исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници.
Ова во вечерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител го изјави Питер Бејер, пратеник во германскиот парламент – Бундестагот од редовите на Христијанско-демократската унија (ЦДУ), сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ според идеолошките референци.
Бејер е во посета на земјава, меѓу другото и да ја даде својата поддршка за сестринската партија на ЦДУ во пресрет на претседателските и парламентарните избори.
Тој денеска, како што соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, имаше средба со лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, на која било разговарано за изборите и за актуелните состојби во земјава.
Во интервјуто, прашан како гледа на обвинувањата кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на политичките ривали дека е главниот фактор кој ги блокира уставните измени од кои зависи продолжувањето на евроинтегративниот пат на земјава, Бејер рече дека има разбирање за дејствувањето на ВМРО-ДПМНЕ, притоа посочувајќи оти нема сомнеж дека позициите на партијата се проевропски.
„ВМРО-ДПМНЕ, како што споменавте, е критикувана, но јас не сум бил сведок висок преставник на оваа партија да каже нешто јавно против Европската Унија. Напротив, од сите разговори кои ги имам во изминативе години сум бил сведок на многу проевропски позиции и знам со сигурност дека тие сакаат да се измени Уставот, но имаат аргументи и причини зошто велат не сега, поради процедурите за измена на Уставот, но исто така, и поради однесувањето на Бугарија и некои од нејзините највисоки претставници. Имам силно разбирање за тоа зошто ВМРО-ДПМНЕ дејствуваше како што дејствуваше и тие добиваат силна поддршка од големо мнозинство од Македонците кои прашањето го гледаат на истиот начин и затоа добиваат силна поддршка и во оваа кампања за претстојните избори“,
рече Бејер.
По изборите, ако победат и формираат влада или која било друга влада, германскиот пратеник вели дека ќе мора да се реши со ова прашање.
Неговите очекувања се следната влада да биде проевропска и да ги спроведе уставните измени не следната, туку пред крајот на оваа година.
Прашан дали и меѓународната заедница ги разбира и прифаќа аргументите на ВМРО-ДПМНЕ во врска со уставните измени, пратеникот во германскиот Бундестаг вели дека, според него, она што треба да го направи ВМРО-ДПМНЕ е да воспостави кредибилитет дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат влада.
„Подолг период претставници на оваа партија патуваат низ ЕУ и зборуваат, исто така, и со Амерканците кои секогаш играат улога кога станува збор за овој регион. Имавме многу состаноци со нив во Брисел и Берлин и тие објаснија кој е нивниот наратив и аргументи, јас и останатите можевме да ја сфатиме логиката. Така што, мислам да, проевропски се, но сметам дека треба да ги зголемат напорите за воспоставување кредибилитет во смисла на тоа дека стојат зад уставните измени веднаш штом формираат нова влада“,
вели пратеникот на ЦДУ во германскиот парламент.
Во врска со прозивките од страна на актуелното владејачко мнозинство дека станува збор за проруска партија, Бејер вели дека според него не може да се детектира проруски блок на партии во Северена Македонија.
„Гледајќи ги кампањите и партиските програми сметам дека никој не може да биде обележан како проруски, така што повеќето од нив тврдат дека се проевропски, што е добро. Ако погледнете во позадина мислам дека е фер да се каже дека не може да се детектира проруски блок на партии во оваа земја. Мислам дека треба да внимаваме да не го пренагласиме руското влијание во земјава, така што јас немам сериозни стравувања по ова прашање“,
вели Бејер.
Претходно прашан за изборната кампања, пратеникот во германскиот парламент рече дека очекува фер изборен процес, со почитување на правилата и прописите. Досегашниот тек на кампањата за првиот круг од претседателските избори, според него се одвива добро, со исклучок на одредена реторика која може да се очекува во секоја кампања.