Санчез до понеделникот ќе размислува дали да остане шпански премиер

Шпанскиот премиер Педро Санчез во средата изјави дека на пет дена се повлекува од јавните должности за да размисли дали ќе остане премиер, откако судот во Мадрид отвори истрага против неговата сопруга под обвинение за корупцијаи тргување со влијание.

Синдикатот Manos Limpias (Чисти раце) ја пријави 59-годишната Бегоња Гомез пред судот во Мадрид дека, како сопруга на премиерот, дала писма со препораки со нејзин потпис на претприемачите кои се пријавиле на јавни тендери.

Консултантската компанија на претприемачот Карлос Барабес добила десет милиони евра од јавно претпријатие во надлежност на Министерството за економија. Претприемачот подоцна основал постдипломски курс кој го води Гомез на Универзитетот Комплутенсе во Мадрид, објави шпанската јавна телевизија TVE.

Во извештајот се споменува поврзаноста на сопругата на премиерот со компанијата „Globalia“, која била спонзор на тинк-тенкот „Africa Center del Instituto de Empresa)“ управуван од Гомез. Шпанската влада со 600 милиони евра народни пари ја спаси воздухопловната компанија „Air Europa“, во сопственост на „Glbalia“.

Социјалистот Санчез, кој ја предводеше левичарската влада од летото 2018 година, во средата објави отворено писмо во кое вели дека неговата сопруга ќе се брани пред судот од „лажни“ обвиненија за корупција. Додаде дека таа веќе покренала правна постапка против „десничарските или екстремно десничарските“ медиуми на чии информации се заснова кривичната пријава.

„Потребна ми е пауза за размислување… Итно ми е потребен одговор на прашањето дали вреди (…), дали треба да продолжам да ја водам владата или да се откажам од таа чест“, напиша тој во писмото објавено на X.

Најави дека во понеделник на 29-ти април ќе излезе пред медиумите и ќе ја соопшти својата одлука.

Судот во Мадрид претходно во средата објави дека отворил истрага против Гомез на 16-ти април. Не беа соопштени поединости, само беше наведено дека истрагата во оваа фаза е тајна и дека повикал неколку сведоци. Меѓу нив се и двајца новинари на интернет портали, од кои едниот е El Confidencial.

„Тоа се десни и крајно десни медиуми“, напиша 52-годишниот Санчез, обвинувајќи ги дека се обидуваат да му наштетат со „подмолни“ и „лажни“ информации.

„Како што е и логично, Бегоња ќе ја брани својата чест и ќе соработува со судството во сѐ што е потребно за да се разјаснат дејствијата, прикажани како скандалозни, како и оние што не постојат“, додаде Санчез.

Санчез пред шест месеци формираше нова малцинска левичарска влада со парламентарна поддршка на сепаратистичките партии на Каталонија и Баскија. Тој ги обвини десничарските опозициски партии Народна странка (PP) и Глас (Vox) дека не ги почитуваат изборните резултати.

„Станува збор за операција на злоупотреба и удирање на сите страни за политички да ме соборат и приватно да ја нападнат мојата сопруга“, напиша тој во писмото од четири страници.

По објавувањето на писмото, Народната партија му порача „да престане да се прави жртва и да го натера да ги плати сметките“. „Наместо да се повлече пет дена, овој скандал треба веднаш и јасно да се објасни“, рече членката на партијата Суса Гамара.