Српската полиција под критики за Данка: „Ова е сериозен скандал“

Дека во возилото нема биолошки траги од девојчето покажаа првите резултати од ДНК-прегледот на службениот автомобил што го управувале осомничените за убиството на малата Данка Илиќ во Србија, Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ. Ова е спротивно на претходните информации што властите ги објавија во јавноста.

Откако во средата Вишото јавно обвинителство во Заечар потврди дека резултатите пристигнале, почнаа да пристигнуваат критики, со кои се доведува во прашање работата на полицијата.

Адвокатот Марко Пантиќ за порталот Време изјави дека целиот случај е на нестабилни нозе и дека полицијата треба да почне внатрешна контрола.

„Првите информации за ова дојдоа токму од полицијата. Доколку се додаде, дополнително, соопштението на полицијата дека еден од сведоците починал во станицата од природна смрт и резултатите од вештачењето од Белград кое покажало дека се работи за насилна смрт – ова треба да предизвика, за почеток, сериозни процедури за внатрешна контрола на работата на полицијата, а со тоа верувам дека треба да се занимава и Обвинителството во Заечар.

Сето ова многу лошо се одразува на угледот на полицијата и придонесува за уште поголем колапс на довербата во институциите, која за жал е на многу ниско ниво“, вели адвокатот за Време.

Спротивставени информации во текот на истрагата и претресот на теренот, кои не резултираа со пронаоѓање на телото на девојчето, предизвикаа критики на српската полиција.

„Сериозен скандал. Објавување лажни вести за откривање на ДНК на малата Данка, принуда на признание, смрт на осомничен при распит… Прашање е дали полицијата конструира кривично дело и случајно наоѓа сторители заради собирање ловорики кога не можат да го решат случајот Каде е обвинителството?“, напиша на „Икс“, адвокатот Владимир Тодориќ.

Криминалистот Добривоје Радовановиќ вели дека се сомнева во веродостојноста на вештачењето на примероците од автомобилот.

„Многу се плашам од тие први и подоцнежни резултати, тоа значи дека се можни секакви мешања, како е можно првото вештачење да покажува дека има траги, а второто да нема траги? Ако второто вештачење, макар и прелиминарно, покажува дека нема траги, како конечно да покаже дека ги има?“, праша Радовановиќ за Време.

Радовановиќ додава дека признанијата изнудени со помош на незаконски средства не се валидни на суд. „Често имаме ситуација кога полицијата користи незаконски средства за да присили признание. Потоа осомничените го признаваат делото, а подоцна го повлекуваат на суд. Тоа е речиси редовна појава во кривичната постапка кај нас“, посочува Радовановиќ.

Како што вели, без докази обвинението не треба да постои. „Во теорија, но во пракса не е така. Времето во кое живееме е време на организиран криминал каде се е можно“, вели криминалистот.

Адвокатот Пантиќ вели дека од правен аспект целиот случај е многу слаб.

„Излегува дека имаме неколку многу тешки и бизарни кривични дела за кои го имаме само зборот на обвинетите, тие се под притисок на јавноста во притвор и ќе бидат уште долго, во тоа не се сомневам.

Но, засега, правно, ова изгледа многу слабо и прашање е дали ќе може да биде нешто посериозно. Како да се обвини некого за убиство ако нема тело и нема начин да се утврди механизмот на одземање живот? Ако ништо друго, прво семејството на детето кое за жал почина, а второ целата јавност заслужува да добие некакво правно финале“, изјави Пантиќ за Време.

Девојчето Данка Илиќ исчезна на 26 март во Бањско поле кај Бор, а за нејзиното убиство осомничени се работниците на Бор Водовод Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ.

Двајцата беа уапсени на 4 април, а еден ден подоцна беа сослушани во Обвинителството во Заечар. Наводно, во таа прилика Драгијевиќ целосно го признал извршувањето на кривичното дело, додека Јановиќ наводно се бранел молчејќи. Потоа им беше изречена мерка притвор од еден месец.

Се сомнева дека Драгијевиќ и Јанковиќ со автомобил го удриле девојчето, а потоа нејзиното тело го ставиле во багажникот и го однеле до депонијата. Телото на Данка до денес не е пронајдено. Во меѓувреме, приведен е и братот на Драгијевиќ, кој почина во полициската станица во Бор.

Иако првично беше објавено дека починал од природна смрт, обдукцискиот наод на Институтот за судска медицина во Белград покажа дека тој починал од насилна смрт на 7 април во утринските часови во полициска станица.

Текстот Српската полиција под критики за Данка: „Ова е сериозен скандал“ е превземен од МАКФАКС.