Полските фармери протестираат против зелените регулативи на ЕУ

Илјадници демонстранти во поворка одеа низ улиците на полскиот главен град во петокот за да покажат противење на регулативите на Европската унија за климатските промени за кои тврдат дека ги туркаат кон банкрот.

На земјоделците во Варшава им се придружија и другите ограноци на синдикатот „Солидарност“, организатор на протестот.

Земјоделците во Полска и на други места во Европа протестираат последните месеци против евтиниот увоз на прехранбени производи од Украина и рестриктивните мерки од Европскиот зелен план воведени поради климатските промени.

Демонстрантите со полски знамиња и симболи на синдикатот, од кои многумина носеа жолти елеци, носеа пароли како „Долу зелениот план, долу Европската унија“ или „Зелен отров“.

„Тоа е добро е само за фрлање во ѓубре. Тоа ги зголемува трошоците за производство и секојдневните трошоци како греење и енергија“, вели пензионираниот за Зелениот план на ЕУ, земјоделецот Вислав Червински од централна Полска.

На демонстрантите им се придружија и политичари од претходната влада на националистичката партија Право и Правда (PiS). Тие го обвинуваат премиерот Доналд Туск дека попуштил пред Брисел на сметка на полскиот народ.

Проевропската влада на Туск ги отфрла обвинувањата и тврди дека нивните претходници ги загрозиле односите на Полска со западните сојузници додека го занемарувале земјоделскиот сектор.

Земјоделците веќе добија отстапки од ЕУ и од полската влада, која најави дека ќе плати речиси 500 милиони евра субвенции за да се компензира за ниските цени на житото. Земјоделците сметаат дека тоа не е доволно. Сепак, минатиот месец одлучија да го деблокираат граничниот премин со Украина, со што ставија крај на неколкумесечната блокада.