Сакајте ја Македонија, не понижувајте се пред никого

Професорката Симона Груевска – Маџоска, од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ одговара на 10 прашања надвор од македонистиката, од политиката…

 1.Три најсреќни моменти во животот?

– Два најсреќни момента во мојот живот се кога станав мајка на две прекрасни ќерки, а како трет ќе ги збијам сите нивни успеси. За жал, помалата ќерка трагично ја загубив и тоа е болка што засекогаш ќе ја носам во срцето и душата.

2.Три работи кои се каете што сте ги направиле?

– Повеќе се каам за работи што не сум ги направила.

3.Тројцата Македонци од сегашноста со кои се гордеете?

– Тоа се Симон Трпчевски, Ана Дурловски и Благој Нацоски, бидејќи се културни амбасадори на Македонија.

4.Три работи кои Ве радуваат и три што Ве нервираат?

– Ме радува убавиот збор, особено поезијата, убавата музика и пролетта, а се нервирам поради неодговорност на луѓето, немањето основна култура во комуникацијата и полтронството.

5.Три предмети што најмногу Ве намачија како ученик?

– Не е за изненадување ако кажам дека тоа се хемијата, математиката и физиката. Особено се радував што, како прва генерација од средното насочено образование (културолошка насока), во трета и четврта година ги немав, а имав филозофија, историја на уметноста, латински, старогрчки итн.

6.Три работи во кои сте добра и три во кои не Ве бива?

– Пишување, танцување и готвење, а не знам да свирам на ниту еден инструмент, не можам да премолчам неправда или глупост (и често имам непријатности поради тоа), не знам да лажам.

7.Три места во Македонија што радо би ги посетиле?

– Маврово, манастирот Св. Јован Бигорски и целиот рекански крај.

8.Три најдобри книги, филмови и песни?

– Од книгите, иако е тешко да издвојам, тоа се Волшебникот од Џон Фаулс, Мајсторот и Маргарита од Михаил Булгаков и Сто години самотија од Габриел Гарсија Маркес, од филмовите Црниот лебед, Мајка! и Реквием за еден сон ‒ сите од режисерот Дарен Аронофски, а песни (многу тежок избор!) Comfortably Numb од Пинк Флојд, Bohemian rapsody од Квин и Kiss from a Rose од Сил.

9.Три омилени јадења?

– Модар патлиџан во сите варијанти, пица и сладолед.

10.Три совети кои ги давате на другите?

– Сакајте ја Македонија, не понижувајте се пред никого и не се нервирајте за работи што не можете да ги промените (иако последново и мене многу тешко ми оди).

Претходна вестПриватен авион се судри со автомобил на автопат во Флорида
Следна вестВласта да не го дели народот со приказни „Исток – Запад“, туку да даде отчет за сработеното