Цариниците ќе штрајкуваат, во прекин сообраќајот од и кон Грција

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Грчките цариници закажаа дводневен штрајк на 2 и 3-ти април, со што ќе влијаат на сообраќајот на граничните премини кон соседните земји, меѓу кои и Македонија.

Од Федерацијата на царински службеници на Грција соопштија дека цариниците од Независната управа за јавни приходи како и од Министерството за финансии ќе одржат 48-часовен штрајк, а од Синдикатот на вработени во јавниот сектор преку соопштение изразија поддршка за штрајкот.

Според информациите, поради штрајкот целосно во прекин ќе биде сообраќајот на граничните премини од и кон Грција за товарните возила и секаков вид пратки.

Од таму најавуваат и дефинирање и појаснување непосредно пред почетокот на штрајкот во однос на автомобилите, односно дали истите повремено ќе се пропуштаат.