Експлозијата на ракетата SpaceX „беше „огромен успех!“ според астронаутот Крис Хедфилд

SpaceX Starship е најголемата и најмоќната ракета-носач направена во историјата на човештвото. И таа експлодира. Што значи тоа?


Обично не го користиме Фејсбук како извор на информации или инспирација, но во случајов еден пост од наш сограѓанин нè поттикна да напишеме текст.

Го немаме изворот на текстот за кој зборува тој, така што нема да судиме за правилното (или неправилното) известување на нашите медиуми, како ни за негативните и „злобни коментари“ од нашите други сограѓани.

Наместо тоа, ќе се обидеме, со помош на луѓе кои се постручни и попаметни од нас (како астронаутот Крис Хедфилд) да објасниме зошто експлодирањето на Starship е успех!

Кој е Крис Хедфилд и зошто да му веруваме?

Крис Остин Хедфилд (роден 1959 година) е канадски пензиониран астронаут, инженер, борбен пилот и музичар. Првиот Канаѓанец кој изврши активност во вселената надвор од летало, летал две мисии на Спејс шатл и исто така служел како командант на Меѓународната вселенска станица (ISS). Пред неговата кариера како астронаут, служел во канадските вооружени сили 25 години како борбен пилот на Воздухопловната команда. Значи, еден искусен и стручен фраер.

Тој е автор на многу книги и бестелери, како An Astronaut’s Guide to Life on Earth (2013), You Are Here: Around the World in 92 Minutes (2014), The Darkest Dark (2016), The Apollo Murders (2021), и најновата која треба да излезе на 10 октомври, The Defector (2023).

Неговите книги се многу инспиративни, ние си земавме една во Академска книга.

Зошто според Крис Хедфилд експлозијата на Starship е успех?

Според Хедфилд првиот пробен лет на ракетата Starship беше огромен успех, и покрај експлозијата, бидејќи ова е нормален дел од тестирањето и учењето од грешките. SpaceX намерно ја уништил ракетата од безбедносни причини и од пробниот лет дознале многу нешта.

Тој исто така рече дека тоа е неопходно за развој на едно воздушно вселенско возило, а SpaceX е на вистинскиот пат кон иднината. Хедфилд сподели дека е многу импресиониран од нивото на контрола на SpaceX за време на нивниот прв пробен лет.

Крис потоа објасни зошто историски гледано, во науката, инженерството и технологијата, секој неуспех е иден голем успех.

Првиот лет на ф14 се урна. Првиот лет на ф16 излета од контрола и пилотот едвај спаси глава. Браќата рајт се урнале повеќе пати отколку што можеме да замислиме. Еден од нив речиси загинал. Луѓето вообичаено не ги гледаат тие тест летови. Тие очекуваат сè да биде совршено. Но ова е првиот орбитален обид на најголемата ракета изградена во историјата на човештвото. 33 мотори! Летало кое ќе ни даде способности кои не сме ги имале никогаш досега.

Затоа, овој неуспех е голем успех со кој науката ќе научи многу нешта и ќе не однесе до Марс и некогаш во далечната иднина и до ѕвездите. А обичните луѓе можеби ќе научат да гледаат кон ѕвездите со восхит, наместо со потсмев… или не?

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *