Анализи

Кој дава повеќе: Економски мерки како аукција за гласови

Сите се во ќар во предизборните програми – од новородените до пензионерите

Зголемена пензија за 5.000 денари или зимски регрес за пензионери од 6.000 денари? По 1.000 денари за секое прваче или од 250 до 750 евра за секое новородено дете? Или, можеби, бебешки пакет за новороденчиња, а 1.000 денари месечно за секое дете до 18 години? По 200 евра за прво вработување на младите до 26 години или ослободување од данок за нововработените до 29 години?

Ова се само дел од ветувањата во предизборните програми на политичките партии, односно дел од мерките, меѓу кои гласачите ќе треба да направат избор на 8 мај.

Наддавањата продолжуваат и во многу други области. За капиталните инвестиции се нудат меѓу две и пол и три и пол милијарди евра, за земјоделството и руралниот развој од 100 до 180 милиони евра годишно, а за поддршка на проекти во општините од 250 до 710 милиони евра, во зависност од годината.

Во други земји, ветувањата за поголеми трошоци на државата може да предизвикаат загриженост за тоа од каде ќе дојдат парите – дали ќе се скрати од другите потреби, дали ќе мора да се зголемат даноците, па ваквото расфрлање со пари во предизборните ветувања може да има и контраефект.

Сепак, македонските политичари и партии го прават ова на секој изборен циклус, дури и во комбинација со ветувања за намалени даноци. Најчесто имаат речиси волшебни формули за тоа од каде ќе ги најдат парите – од регулирање на сивата економија, од под перниците на граѓаните, од спречувањето на корупцијата, а се наоѓа понекој предлог и за прогресивно оданочувње.

Економските експерти, за БИРН, коментираат дека без јасен и сигурен план како да се дојде до парите, или ветувањата ќе останат празни, или за нивното исполнување државата ќе мора да се задолжи уште повеќе.

СДСМ со најмногу пари на рака

СДСМ седиште сенки

Програмата на владејачката партија е полна со суми што би ги добиле разни категории граѓани | Фото: БИРН

Од сите програми на поголемите политички партии, таа на СДСМ содржи најмногу ветувања за директни исплати по различни основи на разни категории граѓани, со наведени суми. Пари има за сите на нивните 150 страници – за првачињата, средношколците, младите, вработените во јавниот сектор, пензионерите… Мерките се движат од новогодишни бонуси до екскурзии на државна сметка.

За почеток, ќе се зголеми износот за максимален поврат преку апликацијата „Мој ДДВ“ на 50 евра наместо сегашните 35.

За секое прваче се најавува еднократна помош, односно ваучер од 6.000 денари, а за секој средношколец што тргнува во прва година од 9.000 денари. По 150 дневно ќе се обезбедат за секој ученик во основните училишта, за бесплатен оброк. Ќе има и екскурзии на државна сметка – низ Македонија за основците во 5-то одделение, низ Балканот за полуматурантите во 9-то одделение и низ Европа за матурантите.

Државната каса ќе се отвори и за другите генерации. За првото вработување на млади лица до 26 години ќе се дава помош од 200 евра месечно една година.

Во земјоделството, пак, се ветуваат милијарда и 200 милиони евра: по 10.000 евра грант за млади земјоделци, 6.000 евра за жени земјоделци, зголемени субвенции за крави, грозје, пченица, по 6.000 денари субвенција за хектар тутун, а пари се најавуваат и за семејни винарници, земјоделски задруги итн.

Платите во основното образование ќе се зголемат на 45.000 денари, во средното на 48.000, а во високото на 80.500. Месечната плата во војската ќе изнесува 59.000 денари, а во полицијата 60.000. Во здравството, пак, се најавуваат плати од 60.000 денари за медицинските сестри до 140.000 за докторите специјалисти.

Како една од најатрактивните групи за предизборно ветување, и пензионерите имаат свој пакет во оваа предизборна програма. За нив се предвидува енергетски додаток од 1.500 денари меѓу октомври и март, односно во грејната сезона, зимски регрес од 3.000 до 6.000 денари и посебна картичка за 30 проценти попуст на основните производи за тие со ниски пензии.

Социјална мерка има и за болните од рак, по најмалку 6.000 денари месечно.

ВМРО-ДПМНЕ цели на пензионерите

ВМРО-ДПМНЕ митинг

Ветувањето за зголемени пензии од 5.000 денари месечно привлече многу внимание | Фото: БИРН

Едно од ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ што привлече најмногу внимание и најмногу се дебатираше во медиумите е најавеното зголемување на пензиите линеарно, во првата година од мандатот, за 5.000 денари. Партиските претставници сметаат дека на тој начин, повеќе корист ќе имаат тие со ниски пензии, кои со процентуално зголемување би добиле помалку. Оваа мерка беше критикувана од претставници на СДСМ дека е неодржлива, но ВМРО-ДПМНЕ стои на тоа дека може да ја исполни.

Од социјалните трансфери, партијата ветува зголемена гарантирана минимална помош за 10 отсто, зголемен посебен додаток за 30 отсто и повисока помош за квадриплегија за 50 отсто.

Родилките ќе добиваат еднократна поддршка од 250 евра за првороденото дете, 500 евра за второто и 750 евра за секое наредно дете. Секоја жена, без разлика на имотната состојба или бројот на деца, ќе може да добие до шест бесплатни ин витро оплодувања.

За младите ќе има враќање на мерката „Купи куќа за млади“, како и даночни ослободувања за прво вработување на лицата до 29 години.

И оваа партија има пакет за земјоделството од 180 милиони евра годишно – неповратни средства за млади земјоделци, поддршка на проекти за жени земјоделки, поддршка за задруги, мали и средни претпријатија во аграрот, за млади брачни двојки што ќе се вратат на село и ќе почнат бизнис итн.

ВМРО-ДПМНЕ ветува и една милијарда евра за четири години вложување во проекти на општините (по 250 милиони годишно), а во програмата има и конкретни проекти за тоа што владата ќе гради во локалната самоуправа.

Микс од социјални и етнички мерки

Тетово казино и питач

Дел етнички партии предвидуваат економски мерки за своите етникуми | Фото: БИРН

За разлика од двете најголеми партии, другите имаат помалку конкретни најави за делење пари во своите програми. Сепак, коалицијата „Вреди“ ветува по 1.000 денари месечен надоместок за секое дете до 18 години, со можност за продолжување до 25 години за тие што ќе студираат. За еднородителските семејства додатокот би бил 1.500 денари.

Во делот за земјоделството од програмата на оваа коалиција се вели дека целта ѝ е да обезбеди 30 милиони евра годишна поддршка за земјоделците Албанци.

Ослободување од даноци се најавува за кредити за домување за млади двојки, како и за лица под 30 години што ќе отворат бизнис.

Левица ветува целосно обесштетување на сите стечајци со специјален закон, со постојан паричен надомест до пензија. Според програмата на оваа партија, секое семејство, во кое барем еден родител не зема просечна плата, ќе добива паричен додаток, а секој самохран родител ќе добива државна помош во висина од една минимална плата. За родителите на новородените деца ќе има стандардизиран државен детски пакет, а додаток ќе има за новордените деца во регионите со опаднат наталитет.

ДУИ најавува капитални инвестиции од 733 милиони во 2024 до 1,1 милијарда евра во 2028 година, субвенции и економски трансфери од 410 на 640 милиони, како и трансфери кон општините меѓу 485 и 710 милиони евра.

ЗНАМ е партијата со најкратка програма, во која конкретни бројки има само за здравството – повисоки плати на докторите за најмалку 20 отсто, на медицинските сестри и на другиот персонал до 50 отсто, и целосно бесплатен државен здравствен систем.

Слабо информирани гласачи – широкогради политичари

Митинг СДСМ сала Расадник

Секој гледа за себе – ретко се поставува прашањето од каде ќе дојдат парите | Фото: БИРН

Што е тоа што им овозможува на политичарите да се расфрлаат со ветувања за пари во предизборието? Економскиот експерт Висар Адеми вели дека нема доволно дебата за економските програми.

„Нема ни доволно медимско покривање, туку медиумите повеќе се интересираат за националистичките пораки. Нема ни соодветни анализи од Стопанската комора или од стручни организации, да излезат и да речат – ова е возможно, ова не е“, вели Адеми за БИРН.

Економистот Павле Гацов ги спореди предизборните ветувања со реклама за нов автомобил.

„Во рекламата тој вози по празни улици и патувањето е уживање, но кога ќе го купите, ќе видите дека не можете да се разминете со него“, додава Гацов.

Како што објасни Гацов, за разлика од други држави, каде што ветувањата за повеќе пари не поминуваат толку лесно, кај нас ја нема таа свест.

„Тука секој гледа за себе – јас да сум во ќар, па за другите не ме интересира. Ако сум пензионер, ќе добијам 5.000 денари, ако сум млад, ќе ме ослободат од данок итн. А во програмите пишува дека сите ќе бидат во ќар. Можно ли е тоа“, прашува Гацов.

И според него, најголемиот проблем е што не се зборува за приходите.

„Прво треба да кажеш како ќе ги собереш сите тие пари, па потоа како ќе ги потрошиш. Без дополнителни приходи, со вакво трошење, ќе треба, или премногу да се задолжиме, а тоа е невозможно, или да не се исполнат ветувањата“, вели тој.

Во програмите и во јавните настапи, претставниците на политичките партии ги повторуваат истите дополнителни извори на финансии со кои треба да си ги покријат предизборните ветувања.

Потпреседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Гордана Димитриеска-Кочоска и Фатмир Битиќи, во посебни интервјуа во емисијата „Вин вин“ го спомнаа сузбивањето на сивата економија како една од целите. Битиќи, исто така, спомена прогресивно оданочување, како и мерки за граѓаните да ги извадат парите што ги чуваат под перница и тие да бидат вложени во економскиот развој.

Во интервју за поткастот „Каде се парите“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека зголемувањето на пензиите ќе го покрие со парите што, како што вели, сега се злоупотребуваат со ставката „други трансфери“.

Економските аналитичари што ги консултираше БИРН велат дека објаснувањата се неубедливи. Гацов посочува дека според истражувањата, сивата економија во земјава е околу една третина од бруто домашниот производ и дека ако се намали барем до просечното ниво во ЕУ (19 отсто), би се обезбедиле дополнителни 450 милиони евра годишно.

„Но, ова доаѓа со висока политичка цена – треба да удрите силно врз тој што ве гласал. Па, ако не видиме решителна борба со сивата економија уште во првите шест до девет месеци, не треба да очекуваме ништо понатаму“, смета Гацов.

И Адеми вели дека ендемската сива економија не може толку лесно да се искорени бидејќи, според него, токму таа одржува многу луѓе да останат во државава, и ако се најдат под притисок, ќе се иселат, и пак нема да учествуваат во регуларната економија.

„Така што, да се смета на парите од сузбиената сива економија за да се покријат трошоците за предизборните ветувања – е нереалистично“, вели Адеми.

Што е со скриениот кеш од граѓаните и неговото вклучување во економските текови?

„Точно е дека има многу пари под перница. Има и алатки како може да се извлечат. Но, и за тоа треба политичка волја. А најмногу такви пари имаат токму политичарите“, истакнува Гацов.