ПОЛИЦИЈАТА ИНИЦИЈАЛНО СЕ СОМНЕВАШЕ ВО МЕНЕ ЗАТОА ШТО ЗОРИЦА, ИАКО РАЗВЕДЕНИ, МИ ПОДАРИ СТАН, РЕЧЕ ОБВИНЕТИОТ ТАТКО НА ВАЊА, АЛЕКСАНДАР ЃОРЧЕВСКИ

    ПОЛИЦИЈАТА ИНИЦИЈАЛНО СЕ СОМНЕВАШЕ ВО МЕНЕ ЗАТОА ШТО ЗОРИЦА, ИАКО РАЗВЕДЕНИ, МИ ПОДАРИ СТАН, РЕЧЕ ОБВИНЕТИОТ ТАТКО НА ВАЊА, АЛЕКСАНДАР ЃОРЧЕВСКИТаткото Александар Ѓорчевски е обвинет дека тој му дал податок на Љупчо Палевски кога Вања излегува за на училиште. (Фото: СДК.МК)

    Сведочењето на Александар Ѓорчевски, татко на убиеното 14-годишна Вања Ѓорчевска, продолжи со прашања од неговиот адвокат, за денот на грабнувањето на неговото дете. Обвинет е дека тој му дал податок на Љупчо Палевски кога Вања излегува за на училиште, за да ја грабнат Велибор Манев и Боре Видевски, додека надвор ги чека возачот Влатко Кешишев кој гледа како овие ја ставаат во вреќа, во гепек.

    „На 27 ноември 2023 година ми се јави Зорица и со растреперен глас ми рече: ‘Сашко, ја нема Вања!’. Се облеков. Уште пред да се симнам доле, ја отворив апликацијата кај што ги следиме децата. Видов дека Вања гугл последен пат ја регистрирал кај Рузвелтова. Телефонот ѝ беше исклучен, знаев дека нешто не е во ред. Истото и Зорица го констатира. Таа ме праша дали да пријавуваме во полиција. Јас ѝ реков апсолутно пријавувај, а во меѓувреме да се движиме кон колата“, тврди Александар.

    Дошле до Рузвелтова, се паркирале, влегле низ уличките. Ја барале таму Вања. Александар видел запуштена куќа, влегол внатре да ја пребара. Зазвонила полицијата, ги викнала да се вратат дома, пред зградата, да дадат изјави.

    Рече дека му се вртеле безброј сценарија: дека ја удрила кола, па возач ја однел во болница. Затоа отишол кај братучед му во болницата „8 Септември”, кој вртел во сите болници за да ја бараат Вања.

    „Не ме држеше место. Седнав во кола. Следното сценарио беше дека некои заостанати пијаници, наркомани или дилери во Дебар Маало ја повлекле во кола, ја однеле некаде и оти може ќе ја пуштат по пат. Потоа мислев дека Вања е киднапирана и прво што ме фати страв е да не ја изнесат од државата. Тргнав накај преминот Блаце, така и ми беше наместена колата. Но беше невидена гужва, се вратив назад“, рече Ѓорчевски.

    На прашање од адвокатот, одговори дека полицијата се однесувала со анимозитет и сомнеж кон него. Го прашувале колку станови има. Кога со Зорица ќе кажеле дека Вања не би отишла во спротивен правец од училиштето по своја волја, биле агресивни кон нив.

    За вибер групата со родителите од училиштето, каде наводно по грешка испратил порака: „Кажете колку пари треба за откуп“ и веднаш ја избришал, тој рече дека всушност пишал оти полицијата тапка во место и инсистира дека Вања сама побегнала.

    „По 2-3 минути навистина ја избришав пораката. Ми беше јасно дека полицијата се сомнева во мене. Иницијално беше дека иако разведени, Зорица ми подари стан и дека имаме 4 стана, еден во Охрид, возила… Затоа ја избришав пораката“, тврди Ѓорчевски.

    Тој бил фокусиран на прелистување на снимките од безбедносните камери на кои ја барал Вања, а Зорица му кажала да тера работа и како што рече тој, му носела кафиња.

    Сведочењето на обвинетиот татко на убиената Вања продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира