Во Австралија уапсени седум тинејџери по нападот со нож врз епископот

Австралискиот антитерористички тим во средата уапси седум тинејџери поврзани со момчето обвинето за терористичкиот напад врз епископот од Сиднеј со верски мотиви, а уште пет се сослушани.

Полицијата соопшти дека тим од повеќе од 400 полицајци и припадници на безбедносните служби биле вклучени во операцијата, во која биле уапсени соработници на 16-годишното момче обвинето за терористички акт. Момчето го избоде со нож асирскиот епископ Мар Мари Емануел за време на црковна богослужба на 15-ти април.

Полицијата соопшти дека ги привела тинејџерите бидејќи претставувале „неприфатлив ризик“ за општеството. Убедени се дека тинејџерите верувале во религиозно мотивирана насилна екстремистичка идеологија. Уште пет лица се на распит во полицијата.

„Нема закана за заедницата и акцијата што ја презедовме денеска го ублажи ризикот од идна или дополнителна штета“, рече заменик-комесарот на полицијата на Нов Јужен Велс, Дејвид Хадсон на прес-конференција по апсењето.

Во соопштението на полицијата се наведува дека акцијата е во тек.

Само неколку дена по смртоносното масовно прободување со нож во трговскиот центар во Бонди, нападот врз епископот Емануел и стравувањата од натамошни напади или одмазди против муслиманската заедница во градот го ставија инаку мирниот Сиднеј на работ од немири. Злосторствата извршени со пиштоли и ножеви се ретки во градот, еден од најбезбедните во светот.

Операцијата на Заедничкиот антитерористички тим (ЈТТ), која опфатила 13 рации во Сиднеј и регионалниот град Гулбурн, била заеднички напор меѓу државната и федералната полиција, како и домашните разузнавачки агенции.

Во рацијата е запленета значително количество електронски материјал, се вели во соопштението на полицијата. Највисокиот шеф на разузнавањето во земјата во вторникот побара од технолошките компании да му дадат пристап до корисничките пораки во ограничени околности за да може да се бори со екстремистите.