Писонеро: Еврокомисијата го одобри Планот за реформи и инвестиции во Украина 


– Европската комисија донесе Одлука со која даде позитивна оценка за спроведување на Планот за Украина, кој претставува сеопфатната стратегија за реформи и инвестиции во земјата за следните четири години, информира денеска портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро.


 – Планот се базира на Украинскиот механизам и гарантира дека на Украина ќе и се овозможи финансирање за одржување на нејзината администрација во функција, за исплата на плати и пензии, за обезбедување на основни јавни услуги и за да ги поддржи обновата и реконструкцијата додека продолжува да се брани од руската агресија, изјави Писонеро.


 Таа потенцира дека исплатата на 50-те милијарди евра предвидени со Механизмот во следните четири години, ќе зависи од имплементацијата на договорените реформи и инвестиции наведени во Одлуката, како и под услов Украина да продолжи да ги поддржува и почитува демократските механизми.

 – Планот, исто така, обезбедува рамка за управување со обновата, реконструкцијата и модернизацијата на Украина и содржи соодветни механизми и аранжмани за заштита на финансиските интереси на ЕУ, преку обезбедување на ефективна имплементација, следење и известување, додаде Писонеро.


 Комисијата проценува дека Планот за Украина е усогласен и избалансиран со целите на Украинскиот механизам за справување со предизвиците на Киев на патот кон членство во ЕУ и како одговор на потребите за обнова, реконструкција и модернизација на земјата, со што ќе се поттикне одржливи економски раст и ќе се привлекуваат инвестиции за засилување на потенцијалот за раст на државата на среден и подолг рок.

 Планот идентификува 69 реформи и 10 инвестиции, поделени на 146 квалитативни и квантитативни показатели.


 Реформите предложени во Планот за Украина опфаќаат 15 области, вклучувајќи ги енергијата, земјоделството, транспортот, зелената и дигиталната транзиција, човечкиот капитал, како и државните претпријатија, деловното опкружување, јавните финансии и децентрализацијата.

 Целта на реформите е да ги подобрат макроекономската и финансиската отпорност и управувањето на Украина, да ги зголемат капацитетите и ефикасноста на администрацијата, одговорноста и интегритетот на судството, да го поддржат развојот на приватниот сектор и да создадат амбиент погоден за одржлив економски раст.


 Инвестициите, пак, се наменети за областите на човечкиот капитал, енергијата, транспортот, земјоделско-прехранбениот сектор, деловното опкружување и регионалните политики.

 Земјите членки на ЕУ сега имаат рок од еден месец за усвојување на оваа Одлука на Европската комисија.

Усвојувањето на Одлука за спроведување на Планот ќе и овозможи на Комисијата да и исплати на Украина 1,89 милијарди евра во форма на предфинансирање, додека не започнат редовните исплати поврзани со спроведувањето на реформските и инвестициските индикатори утврдени со документот.

сп/Фото: ЕБС .

Извор: МИА