Јорданов: Оваа година историски ќе има најголем број реализирани проекти!

Проширената конзола на улицата „Васил Главинов“ во центарот на Штип денеска доби асфалтна маса. Со тоа се решава еден од поголемите проблеми во централното градско подрачје во Штип. Градоначалникот, Иван Јорданов, од лице место посочи дека освен во центарот се работи на терен во неколку населени места во Штип со што градежната сезона е започната и се очекуваат голем број на проекти кои ќе бидат реализирани во наредниот период.

„Се работи на оваа позиција, но во исто време се работи и во населба Дузлак, како и пред платото на ООУ „Гоце Делчев“ каде се поставуваат павер елементи. Станува збор за активности, за градежна сезона која ќе биде со позасилена динамика затоа што се завршени сите постапки“ – вели Јорданов.

Во наредниот период треба да започне со реализација изградбата на кружниот тек кај паркот Кртеке, кој ќе нуди поголема безбедност за учесниците во сообраќајот, како и почеток на најголемиот капитален проект во Штип, изградбата на булеварот Партизанска. Јорданов посочи дека оваа година историски ќе има најголем број реализирани проекти.

„Очекувам во наредните денови да се започне со работа и на новиот кружен тек кај паркот Кртеке. Очекувам да се влезе и во реалзиација на најголемиот капитален проект, односно булеварот Партизанска. “ – додава Јорданов.

Јорданов посочи дека додека ги служат временски услови екипите на терен ќе работат со цел да се подобри изгледот во градот и да се подобрат условите за живот на штипјани.

Лаура Стојанова М-Нет