Мицковски ја промовираше рамката за пост изборно коалицирање

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, преку објава на социјалните мрежи информира дека денеска претпладне одржал состанок со партиското раководство. На неа, вели тој, ги поставиле контурите на рамката врз која ќе го градат коалицискиот потенцијал со останатите партиите.

Состанокот на раководството на партијата се случува еден ден откако коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од неа ја однесе победата на вчерашните парламентарни избори, која, според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) објавени денеска на нејзината веб-страница, во моментов се ефектуира со освоени 58 пратенички мандати на државно ниво, врз основа на резултатите од сите шест изборни единици.

Со ваквиот постигнат резултат повеќе од извесно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го добие мандатот за формирање на идната влада.

Рамката за постизборно коалицирање што раководството на партијата ја дефинирало денеска се состои од три точки:

Економски силна држава, преку реформи и чекори кои ќе бидат жестока битка за повисок животен стандард;
Фронт против криминалот и корупцијата и постигнување на правда;
Реализација на стратешкиот интерес за европски интеграции, преку дијалог и исполнување на принципи.
„Очекувањата се големи, и одговорноста кон народот уште поголема“,пишува Мицкоски во објавата на неговиот фејсбук-профил.

 

Покрај за содржината на состанокот, Мицкоски објави и кратко видео од него. Како што може да се види, на состанокот се присутни генералниот секретар Ѓорѓија Сајкоски, потпретседателите на партијата – Тимчо Муцунски, Александар Николоски, Владо Мисајлоски и Гордана Димитриеска-Кочоска, како и членовите на Извршниот комите,т Дафина Стојаноска и Драган Ковачки.

Потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски попладнево на прес-конференција го повтори изборниот успех што неговата партија и коалицијата го имаа на вчерашните двојни избори, велејќи дека довербата која ѝ е дадена на ВМРО-ДПМНЕ носи и огромна одговорност и чест да се формира и води влада која, како што рече тој, ќе биде посветена на секој еден граѓанин, на неговите потреби, барања, на подобриот стандард, на реформите кои ќе значат подобар живот.

Прашан за тоа дали ВМРО-ДПМНЕ веднаш се обраќа кај „Вреди“ за соработка и со тоа ги прескокнува „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, кои имаат освоено повеќе мандати, Муцунски рече оти не се согласува со мислењето дека тие се победникот кај албанското гласачко тело во Македонија.

„Не го делам ставот на самопрокламираниот ’Европски фронт’ кој по своето дејствување и по својата реторика беше антиевропски фронт, но тие одлучија да си го користат тој јазик. Не го делам мислењето дека тие се победникот кај албанското гласачко тело во Македонија“,рече тој.

Околу идните коалиции и за тоа кога може да се очекува да почнат преговорите, Муцунски рече дека имало и има единствено комуникација со претставниците на „Вреди“. Тој верува дека како што ќе се развива ситуацијата таа ќе добие забрзана динамика, а брзо по инаугурацијата на новиот претседател ќе може да има повеќе информации.

На новинарско прашање дали уставните измени се дел од промените што ги најавуваат и кои ќе бидат во првите 100 дена од новата влада, Муцунски рече дека во делот на евроинтегративниот процес на државата ВМРО-ДПМНЕ јасно во својата програма ги има кажано своите ставови.

Back to top button
Close