“Важно е да се согледа каде е македонскиот филм, како и дали тој се дистрибуира, дали се евидентира посетеноста, како се води маркетингот на македонските филмови. Сметам дека треба да распише повик, конкурс за дистрибуција на домашната кинематографија за македонскиот филм да се доближи повеќе до публиката. На пример, има филмови финансирани од државен буџет кои имаат слаба гледаност, едвај 200-300 гледачи, што е поразително“, вели во интервјуто за весникот ВЕЧЕР Војан Станишиќ, в.д. директор на Кинотеката, со кој зборувавме и за улогата и проектите на оваа установа, и доближување на филмската програма до младата публика

 

Од неодамна сте в.д. директор на Кинотеката. Доаѓате од позиција дистрибутер и програмски директор со 15 годишно искуство. Сега од оваа позиција, какво е Вашето согледување во однос на филмската дистрибуција, просторот за прикажување на филмовите во државата и можностите кои ги има една ваква институција како што е Кинотеката во однос на доближување на актуелните филмски остварувања, но и на националното филмско богатство до публиката? 

Најпрвин да ви се заблагодарам за интересот за нашата Кинотека, а голема благодарност упатувам и до весникот Вечер бидејќи со години наназад ја поддржува работата на Кинотеката и известува за филмската програма и другите активности кои ги организираме. Јас не само што доаѓам од позиција на дистрибутер и програмски директор, туку и од позиција на филмолог во Кинотеката, така што ситуацијата ја познавам и однадвор и одвнатре. Што се однесува до дистрибуцијата на филмови кај нас, можам да кажам дека е повеќе пасивна и зависна од околната, од регионалната дистрибуција и дистрибутерски куќи. Кај нас функционираат само неколку македонски дистрибутери, останатите работат и делуваат надвор од Македонија, па филмови што се носат за регионалните киномрежи поминуваат и кај нас, бидејќи помоќните дистрибутери го покриваат целиот регион. Тоа е поопширна тема, можеме и за друга прилика да ја оставиме. Но, поважно е да се согледа каде во овој контекст е македонскиот филм, како и дали тој се дистрибуира, дали се евидентира посетеноста, како се води маркетингот на македонските филмови. Сметам дека Агенцијата за филм треба да распише повик, конкурс за дистрибуција на домашната кинематографија и тоа многу сериозно да се постави, за македонскиот филм да се доближи повеќе до публиката. На пример, има филмови финансирани од државен буџет кои имаат слаба гледаност, едвај 200-300 гледачи, што е поразително.

Сметате ли дека македонските филмови се доволно засапени во рамките на програмата на Кинотеката, или постојат и други можности за зголемување на нивната видливост кај публиката?

Кинотека секогаш се труди во програмата да ги стави и македонските филмови (од различни родови и жанрови). Кај нас кинопрограмата е поспецифична – дел од филмовите ги набавуваме од локалните дистрибутери, за дел од нив контакираме директно со продуцентски куќи и дистрибутери во светот (за тоа и плаќаме одредена сума, а ако сакаме да вклучиме постари, архивски филмови во програмата, истите ги позајмуваме или разменуваме со други филмски архиви и кинотеки од светот. Кога станува збор за прикажување на филмови од домашната, македонската кинематографија, се потпираме на кинотечниот филмски архив, бидејќи тука се згрижени копии од сите филмови снимени во рамки на националанта кинематографија. Ние по службена должност, по статус и намена на институцијата сме должни да ги чуваме делата од македонската кинематографија и Кинотеката секогаш се обидува да го доближи филмот до македонската публика, тоа е една од кинотечните основни дејности. Во таа насока помага и фактот што ние сме единствени во земјата кои имаме квалитетно избрана програма и имаме континуитет во истата.

Деновиве беше објавена априлската програма. По што се водевте при нејзиното осмислување?

Априлската програма, а и секоја друга месечна програма, секогаш темелно се осмислува, се водиме по квалитет, разновидност и нормално, вклучуваме и проекции на различни медиуми,  односно не само со дигитални филмски копии туку и на 35 милиметарски копии, на целулоидна лента. Опрема и филмски ленти имаме, а се надеваме дека и проекторот за 16 мм ленти ќе го ставиме во функција, и ќе имаме уште поквалитетна и богата програма. Во иднина сакаме да ставиме акцент на детската програма, како и образовната детска програма, која што мислам дека е запоставена или воопшто ја нема. Се обидуваме тоа да го исправиме и сметам дека се движиме во добра насока. Дел сме од ЕУ проектот „ФилмЕД“ (ФилмЕД) кој има за цел да развива и имплементира тренинг програми за наставници и едукатори кои ќе стекнат знаење и пракса за спроведување на филмска едукација во наставни цели.

Колку сте задоволни од интересот на публиката за програмата која ја нуди Кинотеката и кои се Вашите размислувања во насока на привлекување на поголем број посетители?

Па интерес има и тоа многу, иако има периоди кога културната понуда во градов и државава е пренатрупана, а тоа ни одлева публика. Публиката која доаѓа во кино се поклопува со онаа што оди и на концерти, во театар, на изложби, промоции на книги. Ако истовремено има отворање на некој фестивал, театарска премиера или концерт, „нашата“ публика, онаа што конзумира култура, се наоѓа во недоумица – дали на проекција да дојде, на некој култен филм кој одамна сакала да го гледа, или да оди на концерт кој само таа вечер се одржува. Тоа не е само наш проблем туку и на сите културни оператори во државава. Треба да се координираме, организираме, да бидеме потранспарентни со нашите планови за да не се преклопуваме со настани и активности, бидејќи за сите има место, интерес и време. Среќни сме што имаме и млада публика, која пополека се оформува и негува, која отворено покажува интерес за програмата, дури и сугерира и насочува во кој правец истата да оди. А како што спомнав погоре, најмладата публика допрва треба да се научи да доаѓа во киносала, да прави разлика помеѓу киносала и гледање филм на таблет или мобилен, да ги доживува јавните, заеднички проекции како настан, како дружење, можност за социјализација.

Кога ќе стартувате со „Летно кино“ и дали е веќе познато на какви остварувања ќе биде ставен акцентот?

Во однос на Летното кино немаме некој посебен фокус освен програмата да биде квалитетна. Секако предвидени се повеќе фестивали, меѓу кои и „Синедејс“ во чии рамки, Кинотеката ќе организира ревија на филмови на неодамна починатата режисерска легенда Вељко Булаиќ, а остатокот засега нека остане тајна. Цел ни е да ги искористиме погодностите што ги нудат отворениот простор и топлите летни ноќи, проекциите да бидат шанса за дружење надвор од дома, разладување и опуштање.

Дали се во план проекти поврзани со подобрување на условите за работа во Кинотеката и каква е потребата од вработување на нови стручни кадри?

Што се однесува до условите за работа на колективот, тука не сум баш задоволен и треба да се поработи за нивно подобрување бидејќи без да има соодветни услови за работа и без задоволен колектив, нема да имаме ни успешна Кинотека. Исто така мора што повеќе да вложуваме во кадарот кој го имаме, да се оди на специјализации, доквалификации, но да има и можности за напредување, наградување. Имаме потреба од вработување на технички кадар, оперативен, бидејќи постарите колеги одат во пензија, а нема многу интерес за овие професии кои веќе во светски рамки се дефицитарни. Нема секој „кликер“ за техника – и за аналогна и за дигитална зборувам – а таквите луѓе во институции како Кинотеката, па дури и по другите аудиовизуелни архиви, телевизии и други организации кои работат со медиуми се неопходни. Секако, треба да се води сметка и за постоечкиот кадар кој во меѓувреме специјализирал, магистрирал, се стекнал со виши звања, но заради постоечката систематизација не може да напредува ниту да работи на соодветна работна позиција и тие знаења да ги искористи, примени во секојдневното работење на институцијата. Не се решава се само со вработување на нови лица, туку и со унапредување, ако е тоа заслужено, и прераспределување на постоечките кадри.

Можете ли да ни издвоите некои од позначајните проекти и активности на Кинотеката кои треба да се реализират оваа година?

Во подготовка се две полуксузни печатени изданија – за плакатот во македонската кинематографија и едно пообемно „био-филмографско “ интервју со Милчо Манчевски, а во блиска иднина во киносалата планираме недели на португалски, романски и јапонски филм. Во тек е и соработката со фестивалот за документарен филм МакеДокс и фокусирани сме на анимирање на балканските архиви да учествуваат со своја архивска програма на годинешното издание на фестивалот. Договоривме и ретроспектива на македонската кинематографија во Братислава, Словачка, а имаме во план доста други активности за кои навремено ќе ве известиме.

Во план откуп на архивски снимки битни за нашата историја

До каде е дигитализацијата во Кинотеката и какви се плановите во насока на зачувување на филмскиот архив кој го поседувате?

Архивот работи под полна пареа и заедно со раководителот Игор Старделов, како и со неговиот заменик Александар Трајковски се обидуваме работата да ја издигнеме на едно повисоко ниво, имаме многу идеи и со секојдневна комуникација, се надевам дека истите ќе може да ги оствариме оваа година, и да подготвиме терен за следната. Активно се обработуваат примени филмови, се планира откуп на архивски снимки битни за нашата историја, а до крајот на годинава би требало да го дигитализираме и реставрираме првиот македонски колор филм „Мис Стон“. Понатаму, малку запоставената колекција на македонски анимирани филмови исто така треба да се дигитализира и реставрира, па и да се промовира и направи пристапна до граѓаните. Во врска со условите за чување на филмовите во Кинотеката можам да кажам дека истото е на високо ниво. Депоата се во многу добра состојба и мислам дека ги имаме едни од најдобрите депоа за чување филмови на ниво на државите од поранешна Југославија.

Даниела ТРАЈКОВСКА                                               Фото: П. Стојановски