Фото: Принтскрин

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска од собраниската говорница изрази жалење за последните активности од страна на официјална Софија. Ја нагласи потребата од деескалација на односите и апелираше да се продолжи ладнокрвно и внимателно.

– Мора да ставиме крај на таквите провокации, но секогаш да имаме предвид дека се тоа групи заинтересирани да ги киднапираат односите поради многу други причини, вклучувајќи и трети страни. И ние и бугарската влада не смееме да потклекнеме под провокациите и намерите на провокатори и киднапери кои сакаат да ни ја киднапираат европската иднина или да го влошат имиџот што го изградивме како држава – рече Османи, одговарајќи на пратеничко прашање на денешната собраниска седница.

Според него, треба да продолжиме ладнокрвно, внимателно да го зачуваме тој имиџ да изградиме стратегија за заштита на државните интереси, а не, како што рече, „да јаваме на бранот на јавноста“.

– Јас реков сезоната на лов на провокатори и политички профитери е почната и секој ќе се обиде на вакви сензитивни теми да го изгради својот наратив – кажа Османи.

Македонија, како што истакна Османи, покажала силен, демократски и институцинален капацитет и низ брза ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси, откривајќи и приведувајќи сторител на кривично дело против кого активно се водат истражни дејствија.

– Нашата осуда беше откако обвинителството во Охрид имаше првична проценка дека инцидентот е поради елементи на идентитетски или етнички обележја – рече Османи.

Во изјава на Радио Слободна Европа, шефот на македонската дипломатија информира дека македонското МНР нема добиено официјална потврда дали повлекувањето на бугарскиот амбасадор е поради претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид.

– Доколку повлекувањето на бугарскиот амбасадор од Македонија е поврзано со инцидентот кој се случи во Охрид, тоа би го сметал за диспропорционална акција, бидејќи станува збор за индивидуален инцидент за кој државата ги презеде сите можни мерки – изјави Османи за Радио Слободна Европа.

Официјална Софија вчера го повлече нејзиниот амбасадор од Македонија. Денеска реагираше и македонското МНР кое смета дека последните активности на официјална Софија не се во согласност со договорената практика за унапредување на меѓусебните односи и дека претставуваат потклекнување кон провокациите на оние кои сакаат да ги нарушат напорите на двете влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете земји.